Алијанса може да биде надвор или внатре во владата. Додека зборуваме, Алијанса за Албанците е најсилна опозициска албанска партија со 8 пратеници која јасно кажала дека ќе го поддржи евро-атлантскиот пат на Македонија, изјави во вчерашната Топ Тема, в.д претседателот на оваа партија и градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари.

Според него, европскиот пат на Македонија воопшто не треба да застане и без разлика дали тие ќе бидат во владата или не, ќе ги поддржат уставните промени, додавајќи дека тие воопшто не прават никаков проблем.

Ако има некој за цел да го успори патот на Македонија кон Европската Унија, ние сме апсолутно против тоа, вели Таравари, додавајќи дека тие ќе инсистираат колку што можат да го помогнат процесот за да започнат што е можно поскоро преговорите со Европската Унија.

И за следна влада вие треба да гледате партнер со кого би отишле. Ставовите на ВМРО беа прилично добри до пред локалните избори, кога имавме соработка за одредени општини. Меѓутоа, како што поминаа локалните избори, некако се добива впечаток дека ВМРО се натпреварува со Левица, која е понационалистичка. Јас сум го кажал ова и пред 3, 4 месеци, дека таа станува се потешко кооперативна за повеќето албански партии, па вклучително и за Алијасна за Албанците. Ние почнувајќи со Данела кога беше кандидат на ВМРО, ние и два, три месеци пред ВМРО се дистанциравме од неа. Потоа и од ВМРО, кажавме дека со ваква реторика, со ваков вординг што користат, ние тешко можеме и за идна соработка да зборуваме, затоа што членството се повеќе не критикува. Со таа соработка што ја имавме и за локалните избори, ние изгубивме и од рејтингот на партијата, изјави Таравари.

Во однос на барањето во однос на вметнувањето на албанскиот јазик во уставот, доколку биде отворен процесот на неговата измена, Таравари оцени дека албанскиот јазик е официјален јазик во Македонија, но во уставот стои како јазик кој го зборуваат 20%.

Нашето барање е: официјални јазици во република Македонија се македонскиот и не да стои 20%, туку албанскиот јазик, вели Таравари.

Во однос на балансерот, Таравари оцени дека тој за жал се злоупотребува и дека неговата партија е за донесување закон за правична застапеност.

И така имаме 170 000 луѓе во администрацијата а по препораките треба да имаме околу 50 000. Скоро три пати повеќе од тоа што е идеално за функционирање на администрацијата. Мислам дека можеме со закон балансерот целосно да го тргнеме. Јас сум за позиција кога ако некој човек е добар менаџер да не се гледа етничка заедница. Меѓутоа, за некои работи кои што може да ги направи секој човек, што не бара одредени вештини, нека има застапеност од сите етнички заедници кои што живеат во Македонија, изјави Таравари.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.