Неопходноста од овозможување алтернативно работење на Собранието во услови на пандемија или други непредвидливи состојби, донесување на реформските закони во пресрет на меѓувладината конференција за почнување преговори за членство во ЕУ, како и потребата за повторно разгледување на Законот против дискриминација за потврдување на одлуките за вонредна состојба и за измени на Деловникот согласно договореното преку Дијалогот Жан Моне, биде дел од темите на денешната средба на претседателот на Собранието, Талат Џафери и шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје Клеменс Која.

На средбата, како што соопшти Кабинетот на Џафери, станало збор и за улогата на ОБСЕ во развојот на демократските процеси, како и за соработката со Законодавниот дом.

Џафери потенцирал дека високо ја цени улогата на ОБСЕ во развојот на демократските процеси во земјата, придонесот со набљудувањето на  изборните процеси, како и континуираната соработка на Собранието со Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Тој нагласил дека Парламентарното собрание на ОБСЕ, во кое активно учествува Собранието на Република Македонија, претставува витална врска меѓу Организацијата и пратениците кои се директно избрани од граѓаните.

Амбасадорот Клеменс Која, се вели во соопштението, на средбата со Џафери му честита за повторниот избор за претседател на Собранието и нагласи дека Мисијата на ОБСЕ во Скопје ќе продолжи да соработува со Законодавниот дом во спроведувањето на реформските процеси.

Џафери и Која ја нагласиле и плодната соработка меѓу Собранието на Република Македонија и Мисијата на ОБСЕ во Скопје со цел зајакнување на парламентарната независност, надзорната функција и демократската улога и, како што се вели во соопштението,  изразиле подготвеност за продолжување и продлабочување на соработката на овој план.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.