Кој да знае, но ете сега знаеме сите, „Република“ да ти била најголемата закана за власта во овој момент. Не „Рекет“, не инволвираните во него, не глобалното затоплување, не еколошката катастрофа околу нас, ниту пак блесокот на македонската економија – туку порталот „Република“.
Прв нога повлече министерот за надворешни работи Никола Димитров. Околу 14 часот тој нè искара со строг татковски тон, небаре сме мали деца, „веднаш да ја повлечеме веста инаку за првпат во животот ќе тужел“! И тоа нас! Бре, мајкатаааа, што би рекол премиерот, кој исто така му се придружи во заканата. По „храбриот и лут“ Димитров се јави само лутата министерка за одбрана Радмила Шекеринска. Изгелда почнале да стегаат скапите подароци од Боки 13. Да, онаа истата која го испрати сопругот на гледање фудбал кај Орце Камчев додека таа и „педерот“ му го договараат рекетот. Секако, во оркестирираната хајка против „Република“ не изостана ниту Фросина Ременски, и таа ќе нè тужела.
Овој текст, кој му го посветуваме на Димитров, ќе го започнеме со нешто што многу добро го знае поранешниот генсек на СДСМ Александар Кирацовски. Ниту ќе се извиниме ниту текстот ќе го повлечеме. Ниту можме ниту сакаме.
Пред да се лути и да тужи Димитров прво треба да види дека „Република“ пренесува текст објавен на друг портал, го цитира изворот, а тој, пак, се повикува на исказот на Орце Камчев во Обвинителството, за кој обвинителката за организиран криминал Вилма Рускоска потврди дека е веродостоен. И тука навистина ништо не можеме.
Така ќе сфати дека ние не му нанесуваме никаква штета. И секако не поголема од онаа која си ја нанесува самиот себе. Нека се сети на продаденото име на Република Македонија, нека се сети на Македонците од Егејска Македонија, на нивниот јазик, нека се сети и на своите предци-бегалци, нека се сети на својот Коста Поп Димитров.
А, кога веќе Димитров повикува на израмнување на сметките, кој кому колку наштетил, кој кого наклеветил, живо се сеќаваме на вашата цензура во времето на парламентарните избори, а и подоцна за време на референдумот за продажба на уставното име на Република Македонија и претседателските избори. И тогаш Ве прашавме, министре, а ќе Ве прашаме и сега – која лажна вест ја објави „Република“ во она време за да наредите затворање на нашите страници на Фејсбук? Дали излажавме кога кажавме дека со името на државата ќе згасне и македонскиот идентитет? Дали излажавме кога кажавме дека светот ќе нè нарекува Северномакедонци колку и да нè убедувате Вие дека тоа така немало да биде? Дали излажавме за изборните нерегуларности? Дали излажавме за Законот за јазиците, за двојазичноста, за федерализацијата?
Дали сте свесен, и вие министре Димитров, и тие околу вас, министерка, пратеничка, премиер, каква порака испративте со тоа му се заканивте на медиум од позиција на министер? Дали сте свесен каква штета ѝ нанесувате на извршната власт во ова кревко општество во кое и онака никој жив не верува? Дали сте свесен дека штотуку потврдивте дека живееме во репресивно општество, во систем за кој не се штедите во друга пригода да речете дека е режим? Да, министре, вие со вашето искуство по белиот свет многу добро знаете дека тоталитарните режими ги замолчуваат медиумите, како што сега се обидувате вие кој не се срамите да нагласите дека сте претставник на тој режим. Да бевме несериозен медиум, немаше со години да ви бидеме трн во окото и да се обидувате да нè замолчите со репресии, што физички што финансиски. Знаете вие добро, министре колкаво е влијанието на Република врз јавното мислење во Република Македонија.
И да, навистина, некој треба да се извини. Треба да се извините, Вие министре, СДСМ, вашата извршно-судска спрега и вашите шарени револуционери и тоа нам, на „Република“, на која ѝ се заканувате дека ќе ја тужите. На ваков притисок со несмален интензитет сме биле изложени и во изминатите години, и кога бевте опозиција. Јавноста во Република Македонија и дипломатските претставништва на странските земји се запознаени за заканите, уцените, тужбите со кои сме се соочувале, за нападите врз нашите новинари и фоторепортери, за судските процеси кои се водат пред македонските судови и за обидите за дискредитација на уредниците и новинарите на „Република“, како и со последниот случај на закана, во кој група активисти од Шарената револуција и невладини организации поддржани од Фондацијата „Отворено општество“ бараат од судот директорот на Прва Република д.о.о. да биде осуден со затворска казна од три месеци или една година условна затворска казна, а за текст објавен во неделникот „Република“ во 2016 година, за кој веќе е платена прекршoчна казна. Треба да ни се извините за двегодишните репресии врз нас како медиум, за истепаниот фотограф од обезбедувањето пред седиштето на СДСМ, за заканите по живот и за „буништата“ на кои нè испраќаат членови на партијата на која ѝ служите. За тоа што овие случаи никогаш не добија судска разрешница. Да ни се извините за притисокот што го извршивте преку Фејсбук и Твитер пред референдумското изјаснување, со што нашиот медиум претрпе голема финансиска штета.
Велите сте очекувале пропаганда, очекувавме и ние, министре, но не очекувавме нечесна игра и демонстрација на подмолна сила. Но, нè згаснавте. Токму тоа го направивте. Зашто вашата вастина за вас е универзална, како Сонцето што изгрева и заоѓа… но, не, вие немате ништо заедничко со Сонцето… нека биде темнината што не се разденува.
Затоа, налутен министре, свиткајте си ја опашката, образот не ви е бел ниту од далеку, а „Република“ не ви ја погазува честа. Се погазивте вие самиот одамна. „Република“ само ви кажува дека вистината е поголема од вашата ситна душа ненаситна. Кажете вие, а истото ќе го побараме од сите во хорот, има ли поголем рекет врз медиумите од вашата оркестрирана намера да нè замолчите сите редум? Докажете си ја невиноста! И вие, и Радмила Шекеринска, и Зоран Заев и сопружниците Ременски. Ние и тоа ќе го објавиме. Вака, со отворени закани кон медиумите, не играме, министре, ниту ние овде, во Република Македонија, земја-аспирант за ЕУ, ниту тие Европјеците таму, во Европа, за која велите дека се стремите.
Кој бил на правиот пат, времето ќе покаже, а дотогаш држете се, полетуваме.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.