Ја урива ли Верушевски со вчерашниот исказ „Вистината за Македонија“? Ќе го урне ли и Зоран Заев, за кого се веруваше дека го донесе на власт токму како мозок на операцијата „Вистинат за Македонија“? Човекот кој важеше за мозокот на операцијата, со сведочењето во случајот на СЈО „Таргет – Тврдина“ тврди дека „Вистината“ е базирана на материјали кои биле незаконски следени, а потоа изменети и компромитирани.

Верушевски VS Лазаревски

Сведочењето на Верушевски суштински се разликува од сведочењето на свиркачите, разузнавачи од УБК, Ѓорѓи Лазаревски и Звонко Косотовски, кои тврдеа дека нелегалните прислушувани разговори во УБК што ги снимале тајно и на цедиња и УСБ му ги давале нему. Ја негираше неговата вклученост во преземањето на бомбите, тврдеше дека не нему, туку бомбите тие ги давале во СДСМ, а тој само ги обработувал. Со Костовски, рече, и не разговарал иако Косовски тврдеше дека наредбите ги примале од Верушевски.

Не обезбедував јас никакви разговори, или други документи. Сѐ што се слеваше како документација во партијата, беше моја обврска, за лидерството да гради политичка стратегија, тврдеше Верушевски.

За разлика од него, Лазаревски на 6 ноември 2018 година рече дека тој и Костовски проучиле начин како да вадат податоци од прислушувањата кои биле нелегални и во огромен број.

Клучен елемент кога заклучивме со Звонко дека нешто треба да преземеме беше упадот во А1 телевизија. Тоа беше глетка која кажа дека е дојдена власт која тешко ќе се контролира, рече Лазаревски.

За ова тие му кажале на Зоран Верушевски, кој се вратил од дипломатска мисија во Рим.

За една-две недели ние го разработивме системот за вадење. Првпат Звонко експортираше прислушувани разговори на крајот на 2010 година, исклучиво смс пораки на двд. Сè беше праќано кај мене. Потоа му ги давав на Верушевски. Ги копирав на екстерен криптиран диск, го пополнував хронолошки како стигаше материјал и го чував кај мене три години, одговараше Лазаревски.

Тој диск Звонко му го давал во ходниците на МВР.

Го земав и го пикнав в џеб. Ако ме прашаше некој што имам, планирав да го пукнам, скршам. Но, во сите тие изнесувања, никој не ме праша. При крајот на 2010 година, копираниот материјал му го дадов на Верушевски. Година дена така, а потоа копиравме на мемори стик. Табелата со нелегални разговори стана со време преголема. Во ист ден вадевме, копиравме, изнесувавме. Верушевски го викавме селектор, бидејќи беше креативен во изборот на нелегалните прислушувани разговори. Мораше да крати. Верушевски селектираше што треба. На почеток копиравме од опозицијата на СДСМ. Но, дојдовме до сознанија дека многу функционери од владејачката ВМРО-ДПМНЕ се прислушуваат незаконски. Јанкулоска и Јанакиески беа најважните што ги вадевме, раскажуваше главниот сведок на СЈО.

Во сведочењето Лазаревски оди дотаму што тврди и дека Верушевски им наредил да ги прислушуваат тогашните премиер Никола Груевски и директор на УБК Сашо Мијалков.

Во еден период Верушевски побара доколку може да бидат маркирани премиерот Груевски и директорот Мијалков. Ние тоа го свативме на шега, но ни беше побарано – изјави Лазаревски.

Зошто лажел Лазаревски?

Вчерашното сведочење на поранешниот разузнавач Верушевски, актуелен советник на премиерот и претседател на СДСМ Зоран Заев, фрла ново светло на масовното нелегално прислушување, за кое СЈО го води случајот „Таргет – Тврдина“.

Ако Верушевски не е мозокот на оваа операција, како што се веруваше досега, тогаш кој е? По чија наредба постапувал Лазаревски доколку наредбите не ги издавал Верушевски? Зошто свиркачот лажел во исказот?

Сомнително сведочењето и на Звонко Костовски

Во стан во жолтата зграда до Железничката станица во Скопје, позната како „функционерска зграда“, биле репродуцирани и вадени како транскрипти незаконските прислушувани материјали во УБК, сведочеше во март годинава клучниот сведок во „Таргет – Тврдина“ Звонко Костовски, кој ги сними на хард-диск нелегалните разговори како вработен во Управата.

Во стан во зграда кај железничка, позната како ‘парламентарка’, имаше посебен компјутер поврзан со зградата на одделот за оперативна техника и беше во постојана комуникација по барање на началникот на Петтата управа Горан Грујевски, одговараше тој.

Тој во детали опишуваше како се прислушувало без судски налог и како успеал да се поврзе со компјутерите со податоци кои телефонски броеви биле прислушувани и како потоа разговорите ги снимал и му ги предавал на Костовски како докази за масовно кршење на човековите слободи и права од страна на УБК. Неговото сведочење беше контроверзно и остави многу неодговорени прашања.

Зошто ги преснимувал материјалите на мемориски стик, па ги префрлал на својот компјутер во УБК, па дури потоа ги префрлал на ди-ви-ди кое го изнесувал од Управата? Зошто воопшто самиот се доведувал во дополнителен ризик кога се декларира како професионалец, внесувајќи и на ди-ви-ди во УБК, наместо да го изнесе меморискиот стик и потоа дома да му ги префрли материјалите на Ѓорѓи Лазаревски? Дали има макар еден доказ за тврдењето дека во канцеларијата на тогашниот директор Сашо Мијалков имало компјутер преку кој тој имал увид и го мониторирал следењето на комуникациите? Дали разговорите снимани со изразелската опрема имаат ист квалитет како тие што ги презентираше Зоран Заев?

Сепак е сечено – лепено – монтирано

Ќе експлодира ли последната бомба во раката на оно кој мавташе со вистината?

Поранешниот директор на УБК Зоран Верушевски изјави дека до неговото апсење na 23 јануари 2015 година (речиси 11 месеци пред предавањето на материјалите), го знаел точниот обем на документацијата, но потоа немал контрола.

Факт е дека таа документација доживеа стравотни модификации и компромитирања. Зборувам по моето лишување од слобода, кажа Верушевски, на општо изненадување во судницата.

Тоа практично значи дека материјалите кои ги предал Заев во СЈО се изменети и монтирани, што го отвора прашања во однос на постапките и по другите предмети.

Во својот исказ Верушевски не можеше да ја потврди ниту веродостојноста на материјалите со кои располагал пред да биде приведен во случајот „Пуч“.

Потеклото и креацијата на документацијата може да ја даде само надлежна институција со вештачење. За политичка партија таквата амбиција не е достижна, ниту е поставена како реалност. Амбицијата на одделот со кој управував беше да обезбеди валидни документи со кои партијата ќе го оспори легитимитетот на власта, изјави Верушевски.

Верушевски се дистанцира себе си од проектот „Вистина за Македонија“, велејќи дека неговата улога била да ги анализира незаконски прибавените материјали и за тоа да ги информира лидерите на СДСМ.

Не обезбедив јас било какви разговори на лична основа. Сето тоа што се случуваше во СДСМ беше обврска да го анализирам. Не бил мој интерес, ниту приватен, ниту на памет ми паѓаше такво нешто. Информациите не завршуваа кај името и презимето мое, туку во партијата, рече Верушевски, според кого материјалите доаѓале преку други структури во партијата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.