Белите мантили излегоа денеска на најавениот протест против насилството врз здравствените работници во организација на Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари. Здравствените работници преку протестот го изразија својот револт од зачестените напади во здравствените установи и се пожалија дека се чувствуваат небезбедно на своите работни места.

Здравствените работници проблемот го лоцираат во политичката апатија, негрижата и инертноста кон здравствениот систем, кој, велат, континуирано пропаѓа. Тие бараат отворена дебата со властите за да ги адресираат своите проблеми.

На свој грб го носиме товарот здравствениот систем да опстои. Не смее назадувањето на системот да резултира со физичко насилство. Сведоци сме на некоректен однос и на наши колеги и колешки. Прифаќаме дека проблемот е комплексен, дека постои и во нашите редови. Но време е да бидеме заштитени, време е за подобрување на квалитетот на услугите за пациентите – рече Ненад Лазаров од Асоцијацијата.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.