Независниот кандидат за градоначалник на општина Куманово Максим Димитриевски, денеска во изјава за медиуми ги демантираше сите лажни обвинувања кои овие денови се упатени кон него и кон концептот „За наше Куманово“.

Не сакам да се впуштам во коментари и на индивидуални ставови на поедини претставници на политички партии, само сакам да потенцирам дека концептот „За наше Куманово“ е од граѓаните и за граѓаните. Ја почитуваме бројката и поддршката којашто ја добивме во првиот круг, која
беше најмасовна и убедлива за нас како концепт и за мене како градоначалник. Продолжуваме во вториот круг и бараме поддршка од сите граѓани на општина Куманово, без разлика кој на која политичка опција и припаѓа. Затоа што ова е опцијата која работи од граѓаните и за граѓаните. Нашата цел како концепт е да ја ставиме политиката, личните и политичките интереси на поединци кои ги имаат узурпирано политичките субјекти во втор план, а да работиме исклучиво во интерес на граѓаните за да може Куманово рамномерно да расте и да се развива како еден
модерен и урбан град“, рече Димитриевски.

Тој истакна дека како кандидат за градоначалник се чувствува горд што
успеал заедно со неговиот тим да ја освои поддршката на кумановчани и ќе
направи се во вториот круг таа поддршка да биде уште поубедлива, без
разлика од која политичка партија или од која политичка опција ќе дојде
поддршката.

Едноставно, поддршката ја барам од сите. И од членовите на Социјалдемократскиот сојуз и од членовите на ВМРО-ДПМНЕ, и од членовите на политичките партии коишто припаѓаат на албанскиот блок, буквално од сите граѓани без разлика на нивната етничка, верска или политичка припадност. Ниту во минатите години ги имам делено граѓаните во ниту еден основ, ниту пак ќе си дозволам да бидат делени. Воедно, ги отфрлам и сите лажни обвинувања за наводни реваншизми или создавање и вршење на притисоци. Сум бил, сум и ќе бидам градоначалник на сите граѓани и во ниту еден момент нема да дозволам ниту еден граѓанин поради своето партиско, политичко или какво било убедување да трпи одредени консеквенци и реперкусии. Во Куманово има простор само за два вида на луѓе, а тоа се чесни и работни луѓе. Затоа ги повикувам сите кумановчани да се солидаризираат и масовно да излезат на избори, да ги отфрлат ваквите шпекулации и да дадат поддршка за концептот „За наше Куманово“ и мене како кандидат за градоначалник“, потенцираше Димитриевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.