Европскиот суд за човекови права вчера донесе пресуда со која се утврди дека начинот на кој полицијата собира, обработува и чува ДНК материјал не е во согласност со членот 8 (правото на приватен и семеен живот) од Европската Конвенција за човековите слободи и права.

Пресудата се однесува на случај од 2013 година кога двајца жалители застапувани од правниот тим на Коалиција Маргини и ХОПС поднесоа жалба до ЕСЧП со наводи дека во октомври 2009 и февруари 2010 година, полицијата им земала примерок од ДНК без судска наредба и без нивна согласност под сомнение дека извршиле кривично дело.

Од граѓанската организација, Коалицијата Маргини велат дека оваа пресуда е исклучително важна за почитувањето на човековите права на граѓаните од страна на полицијата.

Според искуствата на Маргини и ХОПС, во периодот кога се извршени повредите, полицијата имала пракса на арбитрарно земање на ДНК примероци од луѓе што употребуваат дроги, прекршувајќи го нивното право на приватност.

Постапка пред домашните институции и пред ЕСЧП е водена од страна на Коалицијата Сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници МАРГИНИ и Здружение ХОПС- Опции за здрав живот Скопје, а со поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија.

Апелираме, пресудата на ЕСЧП да се почитува и да се спроведе во најкус можен рок, пред сé преку донесување на јасна законска рамка за начинот на земање, обработка и чување на ДНК примероци и прекинување на практиката на произолно земање на ДНК примероци и унапредување на третманот кон луѓето кои употребуваат дроги од страна на полицијата, велат од Коалицијата Маргини.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.