1ТВ зад која стоеше Бојан Јoвановски, попознат како Боки 13, и се претставуваше како сопственик, од денеска е во стечај. Утрово, граѓанскиот суд во Скопје отвори стечај над 1ТВ, а за стечаен управник го назначи Ацо Петров. Стечајот ќе го води судијката Ирена Антовска Петрушевска, пишува Сведок.

На денешното рочиште во судот, досегашниот привремен стечаен управник Ацо Петров кој направил извештај за финансиското работење во 1ТВ рече дека е видна неликвидноста, жиро сметката е блокирана повеќе од 45 дена, неспособна е за плаќање и поради тоа се исполнети условите за отворање на стечај.

Како што објави Петров, до него, како привремен стечаен управник на 11.11.2019 година стигнало известување од Агенцијата за медиуми дека е одземена дозволата за телевизиско  емитување.

Во телевизијата регистрирана е голема задолженост со кредити и заеми кои не биле вратени, разлика меѓу пасивата и активата, телевизијата имала големи задолжувања и евидентен минус кој бил многу поизразен за 9 те месеци од 2019, за разлика од 2018 година Според него, телевизијата била неплаќач по сите основи.

За 2018 година била прикажана добивка, а во 2019 голема загуба. Регистрирани се неплаќања за трошоците за кредити и позајмици, за ДДВ и други давачки кон државата – рече стечајниот управник.

Како управител на телевизијата се јавува Јасна Ерцеговиќ, која во јавноста се појавуваше со презимето Мандиќ.

Ацо Петров даде преглед и на сите трошоци за кредити и други обврски. Биле затекнати 18 работници кои се уште не се одјавени и за нив стечајниот управник ќе донесе отказни решенија, а сите ќе ги пријават побарувањата. Дел од вработените биле присутни и на денешното рочиште.

На крајот на март ќе се одржи извештајното рочиште на кои доверителите ќе ги пријават нивните побарувања.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.