Основниот суд Скопје-2 донесе решение за привремена мерка со кое се забранува продажба и располагање на книгата на Стојан Андов со наслов “До атентатот и по него” во која тој имплицира вмешаност во атентатот на Глигоров на Фрчкоски поради повреда на личните права на тужителот Љубомир Фрчкоски.

Адвокатот кој го застапува Фрчкоски, Ирена Фрчкоска, во изјава за Либертас потврди дека судот донел вакво решение, и изрекол забрана за понатамошна продажба и располагање со спорната книга на Андов, по поднесена тужба за содржани клевети кон тужителот, како и предлог за времена мерка.

Имено, книгата содржи шокантно клеветничка содржина, од најексплицитен вид досега напишана, со која е извршена тешка повреда на личните права на тужителот, повреда на неговиот чест и углед како граѓанин. Сметаме дека штетата е веќе направена со самото објавување на книгата, нејзино пренесување и промовирање во јавноста, но на овој начин тужителот ќе добие морална сатисфакција, за делумно да се намали нанесената штета.

Ова е прва одлука кај нас со која се забранува понатамошна продажба и користење на книгата и само ваква одлука во конкретниот случај е правилна и сосема основана и има за цел да ги намали последиците кои настанаа од нејзиното објавување – вели таа.

Решението на судот се однeсува на сите кои вршат продажба на книгата, располагаат со неа и ја нудат на користење како библиотеки, книжарници, издавачки куќи…

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.