Апелациониот суд предводен од судијата Тања Милева изрече пресудата од три години за обвинетиот Љубиша Видојковиќ за смртта на студентката Фросина Цековска која беше прегазена на булеварот Паризански одреди на 03.04.2015 година.

Апелација оваа одлука ја донесе откако претходно го враќаше овој предмет на повторно судење. Имено првата пресуда на Кривичниот суд беше 6 и пол години. Aпелација ја укина таа пресуда и ја врати на прв степен, по што Кривичен изрече нова пресудителна одлука од 4 години, за сега Апелација да ја намали на 3 години. Иако Видојковиќ како учесник во сообраќајот не се придржувал кон прописите, не застанал по кобниот удар, возилото го управувал под дејство на алкохол, со концентрација од 1,133 грам промили алкохол во крвта и со брзина од 85 км на час и удрил во Цековска, Апелација се водела од олеснителни околности кога му ја изрекла намалената казна од 3 години.

Ова одлука на Апелација наиде на остра критика во јавноста, но и од родителите на загинатата млада студентка Фросина Цековска.

Или ќе има правда за моето дете или ќе станеме Див Запад, па секој ќе се снаоѓа како умее и знае, ќе си ја зема правдата во свои раце, изјави Љупчо Цековски, татко на трагично загинатата студентка.

Актерот Сашо Тасевски за одлуката на Апелацискиот суд со кој се намалила затворската казна по вторпат на својот ФБ профил напиша:

„Само три години затвор за оној што мртов пијан прегази девојка на Партизанска и тоа на пешачки премин. Апелација ја намалила првичната пресуда за триипол години. Знаете што сакате? Да почнеме сами да го земаме законот у свои раце. Тоа изгледа сакате мамицата… Некој нажален татко еден ден ко ќе ви влезе со калаш и бомби, нема да можат да ве состават. Која е поентата? Родителите останаа без дете, а тој убиецот пак ќе биде на улица и ќе смее да вози по една година. За каква правда зборувате“

За одземен млад живот 3 години, за набавка на возило каде нема никаква штета 4 години

Апелацискиот судија, Тања Милева која ја намали казната на Видојковиќ кој ја усмрти студентката Цековска на 3 години казна затвор, ја донесе пресудата и на поранешната министерка Гордана Јанкуловска во траење од 4 годни казна затвор.

Имено во случајот Тенк за кој Милева одлучуваше во втор степен според адвокатите на Јанкуловска, но и други правни експерти нема докази, ниту пак е направена некаква материјална штета, а сепак поранешната министерка е осудена на 4 години. Патем предметот на овој случај, блиндираното возило од марката Мерцедес „С-600 гард“, се уште се користи од страна на Владата и со него се пречекуваат високи странски гости, како што беше случајот со посетата на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг или германската канцеларка Ангела Меркел.

Апелацискиот суд предводен од Милева во процесот против Јанкуловска дозволи „бомбите“, односно прислушуваните разговори за купувањето на Мерцедесот да бидат дел од доказниот материјал во судењето за случајот „Тенк“, што беше оценет како преседан и во домашната, но и меѓународната судска пракса.

Апелација денеска се обиде да ја оправда судијата Милева

После бурните реакции на јавноста во врска со правдата која ја дели судијата Милева, нејзиниот матичен суд се обиде да ги објасни причините за нејзиното постапување. Во реакцијата на Апелација се вели:

Апелациониот суд Скопје во врска со реакциите во јавноста по повод одлуката по предметот КЖ.бр.954/18, за студентката Фросина Цековска која беше прегазена на пешачки премин кај Универзална сала во април, 2015 година, преку соопштение ја информира јавноста за околностите кои влијаеле за донесување на неговата одлука во врска со овој предмет.

Апелациониот суд Скопје во текот на жалбената постапка, имајќи го предвид фактот дека првостепената пресуда веќе еднаш е укината советот на овој суд одлучи да се одржи расправа пред второстепениот суд, на која јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје изврши измена на описот на обвинителниот акт по што обвинетиот ја призна вината за стореното кривично дело и следуваше судот да донесе пресуда врз основа на признание на вина.

При определување на видот и висината на казната советот, се посочува, ги имаше во предвид сите олеснителни и отежнувачки околности на страна на обвинетиот, признанието на вина и досегашната неосудуваност на обвинетиот, како и други околности конкретно наведени во писменото образложение на одлуката, а особено околностите под кои се случила сообраќајната незгода во која согласно приложеното вештачење е утврдено дека придонес покрај обвинетиот кој го управувал возилото под дејство на алкохол од 1,13 грам промили и со брзина од 85км/час која била поголема од ограничената 60км/час за град Скопје, свој придонес има и оштетената која како пешак го минувала коловозот на запалено црвено светло за пешаци.

-Со оглед на наведеното имајќи ја во предвид и судската пракса за ваков вид кривично правни настани, советот на овој суд го осуди обвинетиот на казна затвор од 3 (три ) години, а воедно му изрече и казна забрана за управување со моторно возило од Б категорија во период од 1 (една) година, наведуваат од скопска Апелација. Одлуката на Апелациониот суд Скопје не е правосилна и против истата може да се изјави редовен правен лек – жалба до Врховниот суд на Република Северна Македонија, стои во соопштението. Обвинетиот за делото на второто судење беше осуден на четири години затвор, а Апелацискиот суд по разгледување на жалбата на јавен претрес му ја намали затворската казна на три години. На првото судење му беше изречена казна затвор од 6,5 години

Апелацискиот судија Тања Милева која ги донесе одлуките за намалување на казната на обвинетиот Видојковиќ во траење од 3 годни и казната затвор на Гордана Јанкуловска во траење од 4 години јавноста ја посочува како сопруга на поранешниот член на ДИК од СДСМ, Игор Милев. Таа на оваа позиција дојде во ноември 2017 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.