Апелациониот суд во Скопје, преку судијките Роза Ѓорѓиева, Розалинда Ристеска и Елизабета Дуковска, донел пресуда со која на Канал 5 телевизија и подарува околу 400.000 евра, пари кои всушност телевизијата ги должела за неплатени филмови и серии.

Со скандалозната одлука, трите судијки ја преиначиле во целост пресудата на Основниот суд Скопје 2, што ја донесе судијката Наталија Донева, која го одби тужбеното барање на Канал 5 како неосновано.

Со преиначување на пресудата, сега Канал 5 доби пари, кои всушност тој ги должел, а страната која била тужена, сопствениците на КАН како физички лица, немаат право на жалба на оваа пресуда која е правосилна и извршна во исто време. Можат да поднесат ревизија до Врховниот суд, која пак е вонреден правен лек и не го одлага извршувањето.

Канал 5 сега го бара имотот на сопствениците на КАН.

Еве накратко за што станува збор и како Канал 5 од должник стана богаташ со помош на скопските судијки и во еден потег.

Канал 5 телевизија користелa филмови и серии преку Студиото Кан и за тоа не платилa, по што телевизијата била дадена на суд. Судскиот процес траел 13 години, стигнувајќи дури два пати и по ревизија пред врховните судии. По толку години судење, со направени трошоци во судската постапка, со вештачења и слично, сумата наведена во тужбата достигнала до 330.000 евра. Апелациониот суд во Скопје со конечна пресуда, пресудил во корист на КАН, по што студиото откако не успеале да се договорат со Канал 5 да ги плати доброволно парите, со извршител ги наплатиле, а на тоа, Канал 5 ниту приговарал, ниту се жалел.

Парите кои биле наплатени, КАН ги искористил за плаќања кон доверители, кон државата и за други тековни обврски.

Во меѓувреме, сопственикот починал, а неговата сопруга која исполнила услови за пензија ја ликвидирала фирмата во постапка, во која Канал 5 ниту се јавил како доверител, ниту можел да биде тоа.

По ревизија на Канал 5, Врховниот суд ја укинал правосилната пресуда и го вратил предметот на повторно одлучување, со напатствија судот да доутврди одредени факти од вештачењата, но во никој случај судот ниту го избришал долгот на Канал 5, ниту можел да го стори тоа.


Целиот текст прочитајте го на Сведок.орг.мк

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.