Судијката во Кривичниот суд, Оља Ристова, ги повика политичарите од власта, да не ја прикажуваат како свој успех објавената пресуда за случајот „Таргет – Тврдина“, кој се однесува на прислушувањето, затоа што на тој начин го покопуваат кредибилитетот и независноста на судството.

Се додека денес функционерите од власта на своите профили постираат слики и се фалат дека дошла правдата, за судска одлука која е донесена по советување и гласање од страна на независен судечки совет И ТОА ДВА ДЕНА ПРЕД ДЕНЕШНАТА ОБЈАВА, граѓаните никогаш нема да стекнат доверба во судскиот систем. Фалете се со вашите дела, а не со делата на судот, која власт, за вас и за сите идни влади е независна, така и ќе остане – порача Ристова на социјалните мрежи.

Објавата на Ристова на нејзиниот приватен профил е реакција на објавите и изјавите на политичари од власта, меѓу кои и на премиерот Заев

Го ослободивме патот по кој денес дојде правдата. Граѓаните, државата, институциите и системот – тоа сме ние. Сите ние, секој од нас денес може да има повеќе мир за себе, во себе. Бидејќи, кога има правда, има и мир! – напиша Заев.

Во февруари 2019 година, претседателот на Кривичниот суд Скопје, Иван Џолев го прифати барањето на Ристова за изземање од предметот на Специјалното јавно обвинителство „Титаник 3“ (за изборни нерегуларности во Чаир и уништување на изборен материјал за локалните избори од 2013 година), поради, како што се наведуваше во барањето, директен притисок од тогашната специална јавна обвинтелка Катица Јанева во еден нејзин ТВ настап, со што ја довела во прашање нејзината независност и непристрасност во постапувањето, што пак според Ристова отвора сомнеж во јавноста.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.