По последните соопштенија на Основниот кривичен суд адвокатот Јовица Страшевски, бранител на поранешниот градоначалник на Гази Баба Тони Трајковски во случајот „ТНТ“, испрати ново отворено писмо до медиумите, кое побара да биде објавено во целост.

Последните соопштенија од Основниот кривичен суд имаат цел да ја искриват вистината и со лажно прикажување на фактите да ја замаат јавноста за пропустите што ги прави судот, од една страна, а од друга страна, да се префрлат обвинувањата на одбраната, односно со директен атак врз Страшевски, како што пишува во дописот, Кривичен се заканува со пријави до МВР, Адвокатската комора и Обвинителството за да му изврши притисок да се откаже од доследно применување на правото и законите во Македонија.

Писмата кои ги испратив до претседателот на Судскиот совет, до поранешната судија-поротник Лидија Ивановска Кочковска, до претседателот на Основниот кривичен суд се само мои укажувања на одредби  од закони (ЗКП, Закон за судски совет, Закон за судовите) и законски прописи кои се важечки во Македонија. Не давам толкување туку само ги цитирам одредени членови на закони и поставувам прашања по истите. Напоменувам, никаде во моите отворени писма кои ги испратив деновиве до јавноста нема никакви уцени, закани, притисоци, туку има само цитирање на одредени членови од закони и поставени прашања по истите, пишува Страшевски, кој јавно ги повика тие кои добиле закани, јавувања или притисоци од него, да го пријават.

Тој потсетува дека негова единствена цел е да укаже да не се направат прекршувања на споменатите членови, со што се прават пропусти во постапката и прекршувања на законите.

Најодговорно тврдам  под целосна матерјална и кривична одговорност дека со сите погоре наведени лица, сум немал, немам, ниту некогаш сум остварил било каков контакт освен отворените писма кои ги имате сите медиуми, во кои цитирам одредени закони и членоови и поставувам прашања. Ова соопштение го објавувам не под страв од заканите, притисоците и заплашувањата кои ги прави Основниот кривичен суд преку своите соопштенија со повикување на МВР, Адвокатската комора, Обвинителството, туку за јавноста да се запознае со вистината, пишува тој.

За годишниот одмор, вели Страшевски, го информирал судечкиот судија Огнен Ставрев уште на последното рочиште на ТНТ, на 24 декември. Тогаш Страшевски го замолил Ставрев судењето закажано за 17 јануари да биде одложено за два дена заради Водици и распустот на неговите деца, но овој не прифатил.

Во моментов користам годишен одмор со сопругата и моите четири деца, ек е на школски распуст и верски празници и тоа е моја приватна лична работа неповрзана со судските постапки. Тоа што Основниот кривичен суд ги менува датумите на судењата и презакажува рочишта, одредува почеток и крај на судење што е правен преседан во светското правосудство, најмалку е моја вина. Најодговорно тврдам дека до ден денес, 9 јануари 2020 година јас како адвокат во случајот „ТНТ“ немам добиено официјална покана според ЗКП за презакажано рочиште од страна на Основниот кривичен суд, а постапката за достава на покана за рочиште според ЗКП се знае како законски се доставува. Членот 127 Од ЗКП е јасен и во него е опишан начинот на достава. Самото соопштение  на Основниот кривичен суд не е законска постапка за закажување на рочишта ниту произведува правно дејство, пишува Страшевски.

Страшевски вели дека судот се обидува да манипулира со јавноста со објавувањето на неговото известување за годишен одмор, затоа што претставува практика адвокатите да го известуваат судот за користење годишен одмор, но не значи дека нема да се појават на рочиштата.

Соопштението не значи непојавување или неприсуство во постапката во „ТНТ“ или во која било друга постапка, како што сакаат да манипулираат од Основниот кривичен суд со нивните соопштенија со злоупотреба на моето известување. Се разбира, ако бидам уредно и соодветно и согласно закон поканет со уредна достава. Искривувањето на вистината со соопштенијата на Основниот кривичен суд се само прикривање на нивните слабости и пропусти и замајување на очите на јавноста и префрлање на вина на друг. Најодговорно тврдам дека нити имам намера нити имам зошто да ја одолговлекувам постапката и да правам прекршување на законите. Јас и мојот клиент според можностите кои ни беа дадени во постапката (за 21.000 страни ни беше даден увид во предмет само два часа спротивно на сите законски норми и прописи), но и покрај се сме спремни да во истата учествуваме и квалитетно во рамките на дадената можност ја дадеме одбраната, потенцира Страшевски.

Тој потсетува дека над 20 рочишта во постапката досега се одложени не поради одбраната туку поради приватни работи на судиите, поротниците, и проблемите во СЈО.

Јас во ова постапка сум само 3-4 рочишта со полномошно од 20.12.2019, со што јас имам вина што Советот и Основниот кривичен суд 2 години не успеале да го решат овој случај и сега вината ја префрлаат врз мене дека сум правел опструкции за одолговлекување на постапката. Мојата цел не е да се надмудрувам со Основниот кривичен суд, Судскиот совет или судиите-поротници како што преку соопштенија тоа сакаат да ѝ го прикажат на јавноста, ниту да сугерирам како да се водат постапките ниту какви пресуди да се донесат, ниту со нив ниту со било кој друг немам намера да дебатирам по истото, основна цел ми е примена и доследно почитување и владеење на правото и законите, и доколку истите бидат прекршени или има индиции да се прекршат законите, навремено да се укаже на тоа. Наместо како дговорни луѓе кои раководат со врвни институции да не повикаат отворено да поразговараме за проблемот и да го надминеме, тие со нарачани соопштенија и искривување на вистината се повеќе се втурнуваат во него. 

Сценаријата на Основниот кривичен суд се јасни и видливи. Јас како професионалец во мојата струка адвокат нема да отстапам од доследно применување на правото и законите во Македонија, секогаш ќе укажувам благовремено на сите законски пропусти не само во случајот ТНТ туку и во сите случаи во кои ќе се појавувам како полномошник или бранител. Нема да потклекнам под никакви закани, притисоци, заплашувања или уцени од страна на никој и гордо со силата на законот за што и сум положил и заклетва ќе се борам за примена и владеење  на правото во Македонија.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.