Во сите учесници на летните, а од минатата година и на зимските школи, како и во сите професори, предавачи, лектори, преведувачи, студенти кои ги изучуваат македонскиот јазик, литература и култура надвор од нашата земја, ги имаме најголемите културни амбасадори, поддржувачи и верни пријатели, вели директорката на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска,

Во интервју за списанието на Заедницата на Македонците во Република Хрватска „Македонски глас“, посветено на активностите на МСМЈЛК при УКИМ, Мојсова-Чепишевска нагласува дека верува во нив и во нивната мисија да продолжат во духот на досегашната дејност, а тоа е создавање пријатели и лобисти за земјава, кои ќе ги пренесат и ќе ги претставуваат македонскиот јазик, литература и култура во своите држави, па и пошироко во светот.

За нас како Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура и за УКИМ под чија капа е Семинарот, но и за целата држава, сите лекторати се влијателни. Зашто ако се земат предвид сите, се доаѓа до една неверојатна бројка од над 250 студенти годишно што го изучуваат македонскиот јазик, литература и култура, на додипломски и постдипломски студии – нагласува Мојсова-Чепишевска.

Во однос на бројноста на студентите на лекторатите по македонски јазик, таа ги посочува лекторатите на универзитетите во Риека, Истанбул и Будимпешта на коишто интересот за изучување на македонистиката е огромен.

Конкретно, според неа, минатата година на Универзитетот во Риека, македонскиот јазик го изучувале седумдесетина студенти, а на Истанбулскиот универзитет, на различни нивоа, бројот на студентите бил дури шеесет, додека за понатаму може да се очекува да биде и значајно поголем, имајќи предвид дека од следната академска година можност за изучување на македонистиката ќе имаат сите студенти на Универзитетот, а не само оние коишто студираат на Факултетот за литература. На Универзитетот во Будимпешта пак, минатата година, наставата по македонски јазик ја следеле триесетина студенти.

Но, на лекторатите не смееме да гледаме само статистички. Затоа што на пр. лекторатот во Москва е при големиот Универзитет „Ломоносов“ каде што наставата по македонски јазик како главен предмет се изведува од академската 1975/76 година и тоа благодарение на академик Рина Усикова. По нејзините стапки продолжија извонредните македонисти, академик Ала Шешкен и проф. д-р Елена Верижникова и заради нивната посветеност и висока професионалност расте овој исклучителен македонистички центар. Или Катедрата по македонистички студии во Париз, при познатиот Националниот институт за ориентални јазици и култури (ИНАЛКО), каде што е еден од најстарите лекторати по македонски јазик. Во академската 2023/24 година ќе се одбележи голем јубилеј – половина век македонистика на ИНАЛКО, каде што денес македонскиот јазик се изучува и на додипломските и на постдиломските студии, вклучително и на докторските студии, под раководство на проф. д-р Фроса Пејоска-Бушро, која истовремено е и директорка на Школата за докторски студии при ИНАЛКО – посочува директорката на МСМЈЛК при УКИМ во интервјуто.

Притоа, таа напоменува дека и овие образовни и научни центри, скоро секогаш даваат посветени македонисти, не само како дипломирани студенти, туку и како магистри и доктори на филолошки науки од областа на македонистиката.

Во прилог на интервјуто, одделен дел е посветен и на историјатот и остварувања на МСМЈЛК при УКИМ, започнувајќи од неговото формирање во 1967 година.

Инаку, како што информира Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура во август, во негова организација во Охрид во август ќе се одржи 55. Летна школа за македонски јазик, литература и култура, на којашто се очекува учество на голем број странски слависти и македонисти, а потоа во септември ќе се одржи и 49. Меѓународна научна конференција на МСМЈЛК.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.