Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг се надева дека процесот на ратификација на пристапниот протокол за Северна Македонија ќе се заврши до декември годинава, и дека на претстојниот самит на НАТО во Лондон земјата ќе стане полноправна членка.

Сите сојузници го потпишаа пристапниот протокол во февруари и потоа започнаа ратификациите, ратификациите одат доста брзо, обично, како што беше кога Црна Гора се зачлени, потребна е околу една година. Не е до мене колку брзо ќе ратификуваат, но би било многу добро ако можат да завршат до декември кога во Лондон ќе се состанат лидерите. Ако не биде тогаш, очекувам да се случи брзо потоа“, изјави Столтенберг еден ден пред почетокот на министерскиот состанок за одбрана кој ќе се одржи утре и задутре во Брисел и на кој учествува македонската министерка за одбрана, Радмила Шеќеринска.

Тој, како што јавува МИА од Брисел, нагласил дека Северна Македонија ги исполнува стандардите за членство во НАТО и повторно ги пофалил премиерите на Грција и Македонија за нивната храброст во решавањето на спорот за името.

Членството на Македонија во НАТО, според него, претставува и сигнал дека политиката на отворени врата успешно функционира и дека проширувањето на НАТО е голема успешна приказна која помогна во ширењето на просперитетот, стабилноста и демократијата во Европа.

На утрешниот министерски состанок на НАТО, министрите за одбрана ќе разговараат за буџетските прашања и таргетот од два отсто од БДП кој земјите треба да го постигнат до 2024-та година. На дневен ред ќе биде и спорот со Русија околу нуклеарната повелба која Москва ја прекршува, а ќе се разговара и за предизвиците и можностите за развивање на вселенска програма на ниво на НАТО Алијансата, најави генералниот секретар.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.