Дафина Стојаноска, пратеник од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија“ денес се обрати на собраниската седница. Стојаноска истакна дека за жал се продолжува со стари и нечесни игри, иако коалицијата на СДСМ „Можеме“ на сиот глас велеше дека нема повеќе така. На сиот глас велеа дека можат повеќе, но тоа за жал значело дека можеле уште повеќе да потклекнуваат, да прифаќаат и да даваат и тоа само за да останат на власт или најточно кажано за да не одговараат за сиот криминал и манипулации кои ги сторија.

Парламентарните избори беа избори каде победата ја славеа оние кои направија масовен поткуп и оние ги злоупотребија институциите со кои раководеа за тоа. За сево ова во една правна и нормално функционирачка држава ќе се одговараше пред законите, па затоа имавме и ваков стрес за задржување на власта, како што кажав за да не се одговара токму пред законите – рече Стојаноска.

Стојаноска додаде дека жали што по којзнае кој пат со сомнителна предизборна кампања и безброј прекршувања на закони повторно СДСМ успеа да формира и да води власт во Република Македонија.

Вашите нечесни игри токму Македонија многу ја чини. И затоа сме овде каде што сме, заплеткани во изнаоѓањето на датум за почеток на преговори со ЕУ. Заплеткани во сериозна економска и здравствена криза. Заплеткани во правните лавиринти и нефункционалната демократија – нагласи Стојаноска.

Стојаноска посочи дека со ова уште еднаш СДСМ докажа дека се подготвени за се, само не на фер и чесна политика и почитување на Устав и закони.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.