Во организација на Спелеолошката федерација, во кавадаречкото село Мрежичко денеска се реализираше голема важба за спасување во рамките на која директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов се префрли на јаже преку клисура, длабока триесетина метри.

Денеска алпинист падна од карпа висока 80 метри. Целиот искршен, остана да виси на висина од околу 40 метри. За среќа, ова е само дел од сценариото на вежбата. Восхитен сум од љубовта којашто ја видов кај вас, им се обрати Ангелов на членовите на спасувачките тимови.

Тој нагласи дека е восхитен од нивната љубов кон височините, карпите, алпинизмот, но најмногу кон човечкиот живот.

Бесценето е тоа за што сте обучени. Затоа што спасувате човечки животи, ризикувајќи ги сопствените. Вашата вештина што сте ја стекнале макотрпно без никаква помош од државата, треба да биде надоградена. И понатаму, треба дел од вас да бидат ставени во новата институција што ќе го менаџира кризниот менаџмент, а за којашто ќе треба извесно време. Значи потребни се длабоки системски реформи, за да може овие луѓе да бидат ставени во системот на државата, во системот на управување со кризен менаџмент, за нивните вештини да бидат на располагање за помош на тие што имаат потреба од спасување, рече Ангелов.

Во знак на почит и восхит, додаде тој, но и во знак на довербата што ја има кон нив, денеска лично се спушти по јажиња што тие ги нарекуваат жичари.

За да покажам дека целосно ви верувам и дека мојот живот можам да го дадам во ваши раце. Со тоа, со личен пример покажувам дека имам целосна доверба во вас. Ви благодарам за вашата жртва и посакувам успешна вежба. Да продолжите да вежбате и усовршувате вашите вештини, а ние како држава да помогнеме во вашето опремување, мислам на спелеолошката федерација, а потоа и дел од вас да станат дел од државниот тим за спасување во тешко пристапни или непристапни терени, нагласи Ангелов.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, чии единици исто така учествуваа на оваа вежба, Беким Максути исто така изјави дека му е чест да биде пред спасувачките тимови.

Целта ни е, хуманоста. Целта е да бидеме на ниво на задачата, таму кадешто секогаш ќе се помогне на лицата на кои им е потребна помош и поддршка. Целта е секогаш да бидеме што е можно повеќе подготвени, изјави Максути.

Раководителот на спасувачката служба, Дарко Неданоски, пак, информираше дека вежбата е со цел да се презентира професионалниот однос во работата и посветеноста за воспоставување на државна спасителна служба.

Неопходно е да имаме ваква спасителна служба што ќе биде постојано на располагање, за безбедност за сите. На вежбата учествуваа педесетина учесници од различни здруженија и организации кои се занимаваат со спасување. Спелеолози, алпинисти, нуркачи, спортски качувачи, параглајдеристи и различни други професии блиски до планинските спортови. Целта ни е да се оформи еден државен систем и сите здруженија да функционираат како едно, рече Неданоски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.