Шефот на бугарската дипломатија Светлан Стоев во интервју за „Дојче веле“ ги објаснува позициите на неговата земја во однос на спорот со Македонија и проширувањето на ЕУ.

Разбирањето на Бугарија отсекогаш било дека напредокот во нашите односи може да се постигне само преку отворен дијалог ориентиран кон резултати. Во оваа смисла, нашата подготвеност да разговараме со Скопје отсекогаш постоела. Во исто време, мора да биде јасно дека оваа комуникација е двонасочна, а напредокот не зависи само од декларираната јавна подготвеност за разговори, туку и од водењето дијалог полн со содржина и исполнувањето на обврските. Техничката влада продолжи да се раководи од националната позиција усвоена во 2019 година од владата и парламентот за европската перспектива на Република Македонија. Да нагласам дека оваа позиција не е конјуктурна, туку е објективно оправдана со проблемите што произлегуваат од неспроведувањето на билатералниот договор од 2017 година од страна на нашите соседи. Не случајно таа позиција беше поддржана не само од сите партии застапени во парламентот во 44-тото Национално собрание, туку и од огромното мнозинство бугарски граѓани, вели Стоев.

Стоев додава дека инвестирале значителни напори и време за враќање на нормалниот дијалог и доверба меѓу двете страни.

Во последните месеци се одржуваа состаноци на сите нивоа – претседател, премиер, министри, експерти. Разговорите беа конструктивни и отворени. Иако постоеја разлики, овие состаноци беа корисни за разјаснување на нашите позиции. Во последниве месеци, го интензивиравме дијалогот со европските партнери со цел да го објасниме нашиот став во однос на Рамката за преговори. Мислам дека чекор по чекор, нашите партнери во ЕУ разбираат дека е потребен консензус и тоа претпоставува дека сите земји-членки се дел од решението и се чувствуваат комфорно. Задоволен сум што оваа порака беше јасно кажана и од комесарот за проширување Оливер Вархеи на последниот состанок на Советот за општи работи на 22 јуни 2021 година, кога последен пат беше разговарано за оваа тема. Ја разбираме желбата на нашите партнери во ЕУ да отворат преговори – ова е исто така во наш интерес, но под услов да ги имаме потребните гаранции за да може процесот на проширување да биде одржлив, предвидлив и кредибилен, вели тој во интервјуто за ДВ.

Верувам дека Бугарија и Македонија можат да напредуваат само преку отворен дијалог, додава тој, фокусиран на изнаоѓање прагматични, одржливи и заемно прифатливи решенија за предизвиците наследени од минатото.

Се разбира, ова бара напори од обете страни. Во оваа смисла, продолжувањето на провокациите и јавните манифестации на јазикот на омраза кон Бугарија – уште еден еклатантен пример беше само пред неколку дена – не придонесуваат за зајакнување на добрососедските односи и го попречуваат враќањето на довербата меѓу двете земји, што пак е интерес на луѓето од двете страни на границата, вели тој.

Целото интервју тука

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.