За тоа што се случувало трагичната ноќ раскажуваат двајца од очевидците на несреќата со автобусот, во која 45 лица загинаа, а 7 беа спасени. Во понеделник вечерта Валентин Георгиев патувал од Софија до Благоевград. Работи како курир, пишува Нова.бг.

Најпрво мислев дека шумата гори. Пламените јазици беа огромни. Ако не се лажам сигурно беа 2-3 метри. Силен пожар, вели Валентин Георгиев.

Кога се приближил, видел автобус како гори. Тој е и првиот очевидец на трагедијата. По него дошле полицајците и пожарникарите.
Камионот ми беше на околу стотина метри. Јас бев првиот. И за околу 5-10 минути дојдоа второто, третото, четвртото возило. Кога излегов од камионот слушнав вресоци. Преживеаните кои успеале да излезат врескаа и плачеа. Нивните лица беа облеани во крв и црни, вели Валентин Георгиев.

Човекот побрзал да помогне. Првото нешто што го здогледал е маж кој се обидува да ја спаси својата девојка.

Викаше: „Полиција, полиција“. Ја носеше девојката во раце. Мислам дека имаше повреда на ногата бидејќи куцаше. И ја испушти на патот. Ја преместив девојката до крајот на автопатот. Мислам дека и беа скршени нозете. Мажот беше без чорапи, бос. На другата девојка и беше ладно, и дадов јакна да се стопли. Им дадов вода, вели Валентин Георгиев.

Тој раскажува и за татко кој се обидел да го спаси својот син од пламенот.

Велеше дека неговиот син е внатре. Отиде до автобусот за во пожарот да го спаси синот. Се обидов да го спречам да оди таму, вели Валентин Георгиев.

Раскажа дека полицијата и пожарникарите дошле за околу 20 минути, а потоа стигнала и брзата помош. Од автобусот се слушало само како од пожарот се кршат стаклата.

Несреќата очигледно се случи 10-15 минути пред да стигнам таму. Веројатно сите беа веќе или задушени или мртви. Трчав до камионот по вода, по цигари, по јакни, постојано трчав, вели Валентин Георгиев.

Се обидел да помогне и Емил Методиев кој постојано се јавувал на 112. Тој чувал градилиште во близина на местото на несреќата. Методиев е првиот што се јавил на бројот за итни случаи.

Мислам дека предната гума пукна. Неколку секунди по ударот се појавија пламените јазици. И додека автобусот се лизгаше, зад него имаше трага од тие мали пламени јазици. Кога застана, тој беше во пламен. Не само напред или позади, насекаде. Кога дојдоа од противпожарната станица веќе беше видлива конструкцијата на автобусот. Тие во автобусот, мислам дека немаа шанса да излезат од него. Ова не се заборава, вели Емил Методиев.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.