Партиските лидери не се повикани на утрешната трета седница на Советот за безбедност, која претседателот Стево Пендаровски ја свика за ситуацијата со коронавирусот во земјата. Покрај стандардниот состав на ова тело, поканет е само министерот за здравство Венко Филипче.

Се очекува на седницата да учествуваат техничкиот премиер Оливер Спасовски, претседателот на парламентот Талат Џафери, министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, министрите за надворешни работи и за одбрана Никола Димитров и Радмила Шекеринска, началникот на ГШ на Армијата, како и тројцата надворешни членови назначени од Пендаровски: Трајан Гоцевски, Ветон Љатифи и Ненад Марковиќ.

Според ВМРО-ДПМНЕ, Пендаровски свика проформа Совет за безбедност, без покана за политичките лидери.

Се очекува на седницата да бидат разгледани сите аспекти на ситуацијата со корона вирусот, вклучително со нејзините импликации на политичките процеси во земјава, со оглед на изборниот процес кој е на половина пат.

Во обраќањето во петокот, Пендаровски изјави дека се надева оти нема да има потреба од прогласување вонредна состојба поради пирење на коронавирусот. Сепак, остави простор да види какви ќе бидат информациите до понеделник, кога ќе заседава Советот за безбедност.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.