Американскиот Стејт Департмент го објави извештајот за верските слободи во Македонија, и во него се наведува како новинарот Бранко Тричковски, кој е поддржувач на СДСМ, ја изложил Рашела Мизрахи на антисемитски навреди.

Инцидентите се случија на почетокот на 2020 година, кога СДСМ изврши притисок да ја разреши Мизрахи од функцијата министерка за труд и социјална политика, во спротивност со Пржинскиот договор. Мизрахи, која на предлог на ВМРО-ДПМНЕ стана првата Еврејка членка на Владата на Македонија, беше нападната од активисти на СДСМ кои притоа користеа навреди на сметка на нејзината етничка и верска припадност. Во извештајот се посочени навредите на сметка на Мизрахи упатени од активисти на СДСМ и од новинарот и поддржувач на СДСМ Бранко Тричковски, познат по неговите чести крволочни коментари за членовите на опозицијата.

На 6 јануари политичките водачи ги осудија анти-семитските коментари на социјалните мрежи изречени од Видана Бошкова Мицевска, блиска до владејачката партија СДСМ, против Мизрахи. Мицевска на Фејсбук напиша дека Мизрахи влегла во фашистичка партија. “Сигурно и кај нацистите во Влада имало Евреи кои се бореле за плата и социјални права на Евреите”. На 7 јануари тогаш поранешниот премиер Заев одговори на Фејсбук дека употребата на навреди на социјалните мрежи е неприфатлива во демократско општество. Тој ги повика членовите и поддржувачите на СДСМ да се воздржат од било какви форми на говор на омраза, расизам, ксенофобија и говор кој може да се сфати како анти-семитски. Медиумите нашироко известуваа за антисемитскиот твит кој на 6 февруари го објави новинарот Бранко Тричковски, во кој напиша дека “Мизрахи јаде хумус од мртви Евреи”, пишува во извештајот, во кој се наведува дека за коментарот на Тричковски било известено јавното обвинителство, но дека “властите не покренаа обвинение за овој инцидент”.

Во извештајот се наведува и дека Македонија се уште не го дозволува регистрирањето на црквата ПОА на Вранишковски, како и дека не го враќа имотот на Бектешката заедница. Се наведува дека во јуни 2020 скопскиот суд регистрирал верска организација на Садула Бајрами од Куманово за која други муслимански групи предупредуваат дека го поддржува ИСИС.

Во врска со верските слободи во време на епидемијата, се наведува дека Македонската православна црква организирала неколку собири спротивно на забраните (во манастирот Свети Јован Бигорски и во Струга), додека ИВЗ ги отворила џамиите за празникот Рамазан Бајрам.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.