Кандидатот за градоначалник на Гази Баба од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Бобан Стефковски, во интервју за „Инфомакс“ истакна дека е доста шарлатанското однесување на политичкиот противник, тој ветува дека ќе ги слуша граѓаните и ќе работи транспарентно. Гази Баба повеќепати наликуваше на општина која не се наоѓа во главниот град на Македонија, посочи тој. Многу нешта се приоритетни, уназадувањето ни се случува на сите нивоа како во руралните, така и во урбаните заедници, вели кандидатот за градоначалник на Гази Баба, Стефковски кој во интервјуто дава детали што се ќе направи за општината:

Што ве мотивираше да се кандидирате за прв човек на општина Гази Баба?

Целиот мој досегашен живот, сите спомени од најраното детство, поминатиот период на основно и средно образование ме врзуваат за оваа општина. Овде се формирав како личност и формирав семејство. Живеев во населба која иако е непосредно до центарот на градот и недостигаа основни услови за нормално живеење како што доликува на урбана населба. Тој факт поттикнуваше кај мене желба да учевствувам во некакви промени на подобро. Како советник во Советот од 2009 година до 2013 се залагав колку што можев да придонесам за интересите на граѓаните, секогаш бев достапен за нивните сугестии и предлози.

Но, во последните четири години во кои СДСМ требаше да донесат „живот“ преку нивниот градоначалник го пеплосаа сето она што претходно се постигна. Заинтересирајте се, обиколете ја општината и погледнете ги социјалните мрежи каде што градоначалникот се рекламира неуморно и направете споредба на два света. Тоа најмногу ме поттикна да се кандитирам, со вербата дека тимски може да направиме оваа општина да се развива позабрзано. Сите генерации кои живеат во Гази Баба го заслужуваат тоа.

Вие живеете во оваа општина, ситуацијата ви е јасна, но што вели последното скенирање, што недостасува во општината?

Гази Баба повеќепати наликуваше на општина која не се наоѓа во главниот град на Македонија. Долг период, благодарение на Борис Георгиевски во општината владее негативен амбиент. Јавноста често пати беше вознемирувана од сцени на насилие во Советот, криминогени одлуки кои Георгиевски ги носеше своеволно и дрско. Акцентот на неговото управување со општината беше на задоволување на партиските потреби од повисоко ниво и партизација во рамки на локалната самоуправа. Неговата самобендисаност се гледа од фактот дека никогаш не ги демантираше нашите изјави кои секогаш беа со точни податоци.

Ќе остане да се памети овој мандат на СДСМ по ветувањето на гасификација од која нема ништо потоа (не)изградбата на поликлиника во Автокоманда за која сам во неколку наврати ја најави. Граѓаните од неколку големи населби како Ќерамидница, Ченто, Инџиково останаа без ветените градинки, спортско рекреативните центри останаа мртво слово на хартија. Нема сегмент каде што има некакво напредување, доволно е само да се знае дека речиси 80% од програмата на градоначалникот е нереализирана.

Владејачката партија и градоначалниците од нејзините редови честопати го истакнуваат заедништвото, мултикултурализмот за кој се залагаат. Кој би бил вашиот коментар, како се поттикнува соживотот на локално ниво?

Многу пред појавата на СДСМ како политичка партија и доаѓањето на Борис Георгиевски за градоначалник на општина Гази Баба сме го негувале соживотот. Арогантно е да се присвојува таа „заслуга“. Нивните функционери тој момент го користат во популистички цели а во пракса не остваруваат ништо ниту за Македонците, ниту за Албанците, Србите, Ромите и сите други. Мене како на иден градоначалник задача ми е да го олеснувам животот на сите граѓани независно од национална припадност и верско убедување. Даноците кои ги плаќаат да им се вратат во подобрени услови во секојдневието. Граѓаните да се чувствуваат како граѓани на модерна општина.

Велите целта во е граѓаните да се чувствуваат како граѓани на модерна општина. Оттука со кој проект би стартувале?

На една последните прес конференции истакнав дека е потребно да ја направиме општината современа општина во вистинска смисла на зборот. Многу нешта се приоритетни, уназадувањето ни се случува на сите нивоа како во руралните, така и во урбаните заедници. Неодложно е решавањето со водоснабдувањето во неколку рурални заедници на подножјето на Скопска Црна Гора како и проширување на постојните и изградба на нови фекални канализациони системи. Градоначалникот Георгиевски имаше многу малку слух за овие проблеми кои не се карактеристични за времето во кое живееме иако постојано предупредувавме на седниците на Советот. Потоа ќе преземам итни мерки за подобрување на патната и сообраќајната инфраструктура низ цела Гази Баба. Истата се наоѓа во очајна состојба, загрозена е безбедноста во сообраќајот, возилата се уништуваат со еден збор се наоѓаме пред сообраќаен колапс.

За 4 години што може да се направи во општината?

Со рационален пристап и домаќинско работење може многу да се направи. Ако сакаме да ги задржиме младите да живеат во општината мора да им создадеме услови. Спортот е многу важен за нивна заштита, за здравиот живот затоа како градоначалник ќе посветам внимание на спортско-рекреативни комплекси и спортски објекти и истите да бидат изградени пропорционално во општината. Мојата амбиција е и депонијата Вардариште која беше толку чест проблем во минатото да биде нов спортско-рекреативен центар. Понатаму, општината треба да придонесе и во подобрување на секундарната здравствена заштита така што конечно населбата Автокоманда која има најголем број на жители да добие современ објект на поликлиника. Со соодветен објект ќе има и подобри услови на добивање на здравствени услуги.

За развој на културниот живот имам посебна визија и извршено консултации со луѓе од фелата со кои заклучивме дека ни е неопходен простор кој ќе го добиеме со реконструкција на културните домови во Ченто и Колонија. Наведените проекти ќе овозможат предуслови за културни случувања според стандарди. Ова се мал дел од проектите кои ќе им понудиме на граѓаните преку програмата за локалните избори

Од кои начела ќе се водите во работата?

Откако ќе ја преземеме локалната самоуправа во октомври, во нејзиното менаџирање ќе пристапам од неколку мои лични принципи: достапност, активно слушање и отчетност. Доста ни е шарлатанско однесување кое политичкиот противник го покажа во водењето на општината. Јас сум човек кој доаѓа и треба да остане да живее во општината, ми значи угледот на приземјен и одговорен човек.

Сите државни и локални функционери мора да се свесни кој им ја дава моќта. Токму затоа ќе изнаоѓам начини да граѓаните бидат вклучени во креирањето на решенија при тоа секогаш да постојат комуникациски канали со администрацијата и со Советот. Само така преку чувството на вклученост ќе се постигне пожелно ниво на демократија во локални рамки.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.