Обвинителката Лиле Стефанова по денешното рочиште за случајот „Титаник“ истакна дека СЈО во моментот е во најтешкиот период. Таа истакна дека нема амбиција да стане шефица на СЈО, а појасни и дека од стартот се оградувала од Катица Јанева.

СЈО во во овој момент се наоѓа во една од најтешките состојби што ги имало од основањето до денес. Затоа апелирам политичарите, сите чинители во државата да седнат и да го донесат Законот за јавното обвинителство за да немаме прекин на постапките, не само на оние што се дадени во суд, ние имаме и сериозни истраги. Со неносењето на Закон, со немањето на овластвање, му даваме огромен простор на криминалот. Шефот е осомниничен за криминал од пред два дена. Јас сакам да кажам дека денес гледаме расчистување со криминалот и треба да бидеме горди на тоа, па дали ни бил шеф, колега или пријател, воопшто не е важно, рече Јанева.

На прашањето дали се оградува од Јанева, Стефанова рече:

Јас ниту сум се доближила до Катица Јанева, од самиот страт се оградувам!

Стефанова на прашањето пак дали ќе конкурира за нов шеф на СЈО, рече: „Не се гледам како шеф на СЈО, ниту планирам да конкурирам“.

За истрагата за случајот „Империја“ Стефанова вели дека застанала по донесувањето на начелното правно мислење и затоа е потребно што побрзо донесување на Законот за јавно обвинителство.

Нема друго решение. Само новите одредби кои ќе го вклопат СЈО и ќе му дадат право на редовното Јавно обвинителство да ги презема сите дејствија и во овие предмети, истакна Стефанова.

Прашана дали се следи имотот на Камчев и дали има одмрзнувања, Стефанова, нагласи дека се е замрзнато и ништо не одмрзнато.

Имаме известувања за сите дејствија кои ги презема Јордан Камчев, како претходно управител и член на управен одбор и преземаме законски дејствија кои можеме да ги преземаме во овој момент, изјави Стефанова.

Во однос на информациите дека Камчев е во соседна Бугарија, Стефанова, кажа дека нема овластување да побара каде е Јордан Камчев и повторно побара побрзо носење на Закон за јавно обвинителство.

Во овој момент редовното јавно обвинителство не може да преземе ништо во дејствијата од предметите на СЈО. Таков е законот, изјави Стефанова.

Прашана дали со притворот на Катица Јанева постои можност да паднат сите предмети на СЈО, Стефанова, рече дека не постои таква можност.

Предметите ги работеа десет јавни обвинители и верувам дека се сите работени како што е потребно, изјави Стефанова.

Нагласи дека немало спогодба за случајот „Империја“ бидејќи не се донела таква одлука, но имало намера да има спогодба.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.