Името на градоначалникот на општина Карпош се најде високо во фокусот веднаш по избивањето на аферата „Рекет“. Тој е еден од седумнаесеттемина кои досега даваа изјава во Јавното обвинителство за организиран криминал во врска со случајот „Рекет“.

Порталот Вечер од свои извори во истрагата доаѓа до сознанија зошто токму Богац е еден од повиканите на онформативен разговор.

Во текстот „Еве зошто Богац од Карпош се преправа дека не го ни познава Боки 13“ извори од истрагата за Вечер.мк откриваат најмалку 4 причини зошто Богоев беше во ОЈО за Рекет.

1. Незаконско финансирање изборна кампања за локалните 2017 година со пари од Боки 13.

За финансирањето на изборна кампања порталот веќе објави, а градоначалникот демантираше само една ставка од многу набројани.

2. Планот за “Капош на вода” (кој Боки го нарекол поинаку)

Стефан Богоев, како градоначалник на општина Карпош, има потпишано Меморандум за соработка со Бојан Јовановски, како претседател на Меѓународниот сојуз во ноември 2017 година. Цели 6 месеци по конститутивната седница на Меѓународниот сојуз, во чиј Управен одбор е таткото на Боегоев, Владо Богоев.

Во меморандумот е наведено дека „општина Карпош дава поддршка за заедничка реализација на проектни активности, изработка на проекти и соработка во имплементација на проекти и други активности, како и третирање на локални прашања и социо-економски активности, во насока на поголема ефикасност во реализацијата на нашите заеднички цели и легитимност во барањата адресирани до релевантните институции на локално и национално ниво.”

Седум месеци подоцна, во јуни 2018 година, 1ТВ го презентираше проектот „Европскиот комплекс за возрасни лица и мобилен сервис“ на територија на општина Карпош.

Комплексот е луксузен, покрај река. Експертите кои биле вклучени во барањето локација го нарекуваат “Карпош на вода”.

Веројатно е точно дека Богац нема потпишано Договор за изградба на Карпош на вода, бидејќи биле потребни измени во Деталниот урбанистички план, што не може да се случи за 6 месеци, но повеќе од сигурно е дека имало заеднички план и намера да се направи таков договор. Инаку зошто би потпишале Меморандум и зошто Боки 13 би правел план заКарпош на вода.

3. Злоупотреба на службена положба и овластувања како градоначалник на Карпош за потребите на 1ТВ

Секоја општина располага со буџет за вонредни ситуации, пари кои се користат во случај на поплави, големи одрони, пропаднати патишта, итни санации. Овие пари се користат веднаш, без тендер, со директни договори во 4 очи, откако ќе се јави таква вонредна потреба на терен.

Стефан Богоев како градоначалник на Карпош, од тој буџет, без тендер, го уреди паркингот на 1ТВ од околу 250 метри квадратни. Неколку денови пред гламурозното отворање на 1ТВ во 2018 година, општина Карпош стави бекатони и рабници на паркингот со пари за вонредни ситуации. Тука треба да се гледаат две работи. Прво, зошто паркинот е вонредна ситуација без тендер (а не е патот во Злокуќани кој нема асфалт), и второ, цените на производите и услугите кога се прави вонредна интервенција – се вонредни. Останува да се види колку граѓаните на Карпош платиле за луксузот на Боки. 

4. Прекршување на законот за градба за коj Миле Јанакиески и Стевче Јакимовски лежат во притвор со месеци по барање на ОЈО и СЈО.

Миле Јанакиески лежи во притвор затоа што не го следел исполнувањето на договорите за изградба на објекти, односно хотели, и не го вратил земјиштето во државна сопственост  откако хотелите не биле изградени.

Истата работа ја направил и Стефан Богоев, но за него нема ниту истрага. Оваа парцела на кејот на Вардар, пред ресторанот Ден и ноќ на Реплек, требало да ја врати во сопственост на општината откако Реплек не ни почнал да го гради објектот, а сите рокови од договорот се пробиени.

Согласно Урбанистичкиот план, парцелите околу Хубо маркет беа продадени на аукција. Сите купувачи почнаа да градат, освен Реплек.

Уште во април 2018 година, општина Карпош е известена дека Реплек во рок од 9 месеци по солемизација на Договорот со општината, нема обезбедено Одобрение за градење на предвидените објекти, а цели две години по одобрението, не ги изградил предвидените објекти на земјиштето кое е отуѓено согласно урбанистичкиот план.

Постои и барање до општина Карпош да го врати земјиштето во сопственост на општината, но до ден денешен, тоа не е сторено.

Зошто Миле Јанакиески и Стевче Јакимовски се во притвори и под истрага, а Стефан Богоев не е? Одговорот е едноставен. Што се однесува до ОЈО, заштитен е како функционер на СДСМ. Што се однесува до СЈО, таму има двојна заштита – освен како функционер на СДСМ и битен член на групата на Катица Јанева и Боки 13.


Целиот текст и документи ТУКА

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.