Во јануари 2015 година, Мила Царовска, тогаш истакнат член на СДСМ, а подоцна и министерка за образование, го изнесе ставот на нејзината, тогаш опозициска партија дека со опструирање на правото на штрајк не само што власта го гази Уставот на Република Македонија, туку се газат и загарантираните права на работниците според конвенциите на Меѓународната организација на трудот, чијашто потписничка е земјава, пишува „мкд.мк“.

И тогаш штрајкуваа наставниците за поголема плата.

Тогаш Царовска рече: „Директорите на училиштата немаат никакво право да нарачуваат списоци со наставници кои го остваруваат легитимното право на штрајк за заштита на своите права. Немаат право ниту да наложуваат на наставниците да одржуваат настава, за време на штрајк. Со кое право градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ се редат како на филмска лента за да кажат дека настава ќе има, што е дополнителен притисок врз наставниците?

Власта на Никола Груевски, исплашена од кулминација на огромното незадоволство во образованието, направи противуставни законски измени за замени на наставници во време на штрајк, мислејќи дека на тој начин ќе се заштити.

Бидејќи оваа власт не знае ни Д од дијалог, прашање на време беше кога ќе стане јасно дека наставниците се изиграни, а власта ниту има намера да им ги покачи платите, ниту пак имаат намера да ги укинат казните што ги воведоа преку екстерното тестирање.

Хаосот во образованието, преоптовареноста на наставниците со непотребна администрација и експериментите во обемната настава, големиот број казни преку коишто се полни буџетот, општата лоша економска ситуација во земјава ги натера наставниците да си ги бараат своите права. Ниту едни измени на закон, списоци, послушни градоначалници и директори не ќе можат да ја заштитат власта. Свеста на луѓето се разбуди. Назад нема“, рече тогаш Царовска.

Речиси еднаков е одговорот денес на опозицијата, овојпат тоа е партијата ВМРО-ДПМНЕ.

И тогаш социјалдемократите велеа дека зголемување на платите во Република Македонија и нивно усогласување со трошоците за живот е потребно, не само во образованието, туку во сите сектори, затоа што сме на дното од Европа и со висината на платите и со стандардот.

Преземено од „МКД.мк“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.