По приведување на кандидат за градоначалник, со реакција во Телма се јавила неговата партија која чинот на неколкучасовното задржување го оценува како груб притисок и заплашување на кандидатот за прв човек на општина Делчево.

-Во текот на денешниот ден истиот неколку часа беше лишен од слобода и без причина малтретиран од полициски службеници. Откако службите утврдиле дека нема кривично дело, кандидатот за градоначалник го пуштиле на слобода, наведува партијата во својата реакција и најавува одговорност без пардон за случајот за кој сметаат дека е извршен со злоупотреба.

Остатокот на соопштението не може да го објавиме поради тоа што се спомнуваат имиња на парти, кандидати и имиња на функционери, а денеска и утре до затворање на гласачките места е изборен молк.

Од МВР само кратко соопштија дека јавноста ќе биде информирана за уште, според полицијата, еден случај на изборен поткуп.

МВР потоа го објави своето соопштение:

На 16.10.2021 во ПС Делчево на информативен разговор е повикан жител од Делчево поради основано сомнение за давање поткуп во врска со локалните избори односно сторено кривично дело по член 162 од КЗ „поткуп при избори и гласање“, како и друго лице кое примило 3000 денари од приведениот во замена за глас на утрешните избори. Известено е ОЈО Делчево и по насоки од ОЈО извршен е разговор со повеќе лица. Паричните средства во висина од 3000 денари се одземени. По комплетирање на службената документација од страна на ОВР Делчево ќе биде поднесена кривична пријава до ОЈО Делчево по чл.162 ст.1 и 2 вв ст.3 од КЗ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.