Според податоците од Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиенталниот воздух и добиената временска прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи, како што стои во соопштението од Владата, прагот на алармирање за ПМ10 (надминување на вредноста од 175 mg/m3 во текот на два последователни денови) дефиниран во Уредбата за изменување и дополнување на Уредбата за гранични вредности за нивоа и видови на загадувачки супстанции во амбиенталниот воздух и прагови на алармирање, рокови за постигнување на граничните вредности, маргини на толеранција за гранична вредност, целни вредности и долгорочни цели е надминат на мерните места во Скопје – Карпош и Лисиче и Тетово.

Во соопштението се наведува дека согласно заклучоците од записникот од 40-та седница на Владата на Република Македонија одржана на 28 ноември 2017 година, за градот Скопје и Тетово стапуваат на сила препораките и мерките за Министерството за животна средина и просторно планирање во соработка со Министерството за здравство.

Тие се должни да им препорачаат на сите правни субјекти (работодавци) да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар. Сите правни субјекти (работодавци) да го реорганизираат работното време и лицата кои работат на отворено да работат од 11.00 до 17.00 часот.

Се препорачува да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено, како и да се обезбедат услови за зголемени активности на службите за итна медицинска помош, домашна посета и патронажна служба.

Владата на Република Македонија ги задолжува сите органи на државна управа, агенциите, фондовите, бироата, заводите, јавните претпријатијата и АД во државна сопственост, како и на Единиците на локална самоуправа да ја намалат (до 50 проценти) употребата на службените возила.

Министерство за труд и социјална политика во соработка со Црвениот крст, Здравствениот дом и Единиците за локална самоуправа да обезбедат прифатилишта за сместување на бездомници и да дадат поддршка на стари осамени лица преку организирани посети.

Министерството за здравство, стои во соопштението од владиниот Сектор за односи со јавноста, да ја задолжи Службата за итна медицинска помош да доставува информација до ИЈЗ за број на повици (според дијагноза/код на МКБ10, пол, возраст, место на живеење/општина), за времетраењето на епизодата на алармантно загадување на воздухот на дневна основа се до завршување на епизодата и една недела по завршувањето.

Државниот инспекторат за животна средина да започне со вршење зачестена контрола на Инсталациите кои што поседуваат А – ИСКЗ дозвола, да спроведе контролни мерења на емисиите на загадувачки супстанции во амбиенталниот воздух со акредитирана лабораторија со цел да се утврди дали се применуваат пропишаните услови/мерки во Дозволата по однос на емисиите во воздух, се препораките за Државниот инспекторат за животна средина.

Министерството за животна средина и просторно планирање пак треба да подготви и достави препорака до Инсталациите што поседуваат А – ИСКЗ дозвола, за намалување на капацитетот на производство (до 50 проценти) со што од оваа мерка ќе бидат исклучени инсталациите кои што произведуваат топлинска или електрична енергија.

Единиците на локалните самоуправи се должни да ги спроведат мерките пропишани во краткорочните планови или краткорочните мерки донесени на Советите на општините.

Градежните компании имаат обврска да користат вода за намалување на прашината при градежни активност (прскање, миење гуми пред излез од градилиште, а градежните машини (багери, булдожери, виљушкари) да се пренесат до градилиштата до 7:30 часот наутро.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.