Попладнево неговото блаженство архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан го прими српскиот патријарх г.г. Порфириј со свештеничката придружба во неговата резиденција во Скопје. На средбата покрај споменатите архиепископи присуствуваше и високопреосветениот митрополит Дебарско-кичевски г. Тимотеј.

Претходно на аеродромот во Скопје патријархот г.г. Порфириј и свештенството, кое го сочинуваат неговото високопреосвештенство митрополитот црногорски и цриморски Јоаникије и неговото високопреосвештенство епископите сремскиот Василиј, бачкиот Иринеј, зворничко-тузланскиот Фотиј, крушевачкиот Давид, ремезискиот Стефан и Јеротеј, ги пречека митрополитот преспанско-пелагониски г. Петар, неговото високопреосвештенство епископот г. Климент и амбасадорката на Република Србија во Македонија, Невена Јовановиќ.

Утре во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје со почеток во 9 часот со заедничката Божествена литургија ќе чиноначалствуваат поглаварите на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија г.г. Стефан и на Српската православна црква г.г. Порфириј.

На оваа посета на поглаварот на СПЦ Порфириј ѝ претходеше заедничката архијерејска литургија на помирување што се одржа на 19 мај во соборниот храм „Свети Сава“ во Белград, а со која чиноначалствуваа патријархот Порфириј и архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан. Со литургијата беше потврдено надминувањето на 55-годишниот раскол меѓу СПЦ и МПЦ-ОА и возобновувањето на канонското и евхаристиското општење.

Претходно денес во Белград заврши редовниот мајски Собор на Српската православна црква, на кој на МПЦ-ОА и беше потврден статусот на најширока можна автономија, односно целосна внатрешна независност, доделен во 1959 година, по што беше одржана заедничка литургија на владици на СПЦ и МПЦ-ОА, со што се воспостави литургиско и канонско општење на двете сестрински цркви.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.