Матурантите организирани од Средношколски сојуз денеска го продолжија бојкотот, кој почна со второто полугодие, 21 јануари, со барање да полагаат два наместо четири предмети на државната матура. Првичниот план беше една недела да бојкотираат и потоа да решаваат за идните чекори, а викендов донесе одлука и натаму да не се вклучуваат на настава.

Претседателот на Сојузот на средношколците Бленди Ходаи за МИА изјави дека ги продолжуваат состаноците со пратенички групи во Собранието. Откако викендов добија поддршка од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, денеска, рече, ќе имаат состанок со пратеничката група на СДСМ и претседателката на собраниската Комисија за образование, наука и спорт Жаклина Лазаревска, како и со Левица, Беса и Алијанса за Албанците и Алтернатива, а за утре имаат состанок со ДУИ.

Сојузот од Собранието бара да организира јавна расправа за ова нивно барање и, како што наведе во писмото кое во четвртокот го прати до сите пратеници – „доколку МОН не покаже добра волја, од пратениците Сојузот бара измени на Законот за средно образование со одредби кои ќе бидат привремени, т.е. ќе се однесуваат само за учебната 2020/2021 година“.

Барањето на Сојузот е да се измени концептот за државна матура за оваа генерација матуранти и наместо четири (три екстерни и еден интерен предмет), матурантите да полагаат два предмета – мајчин јазик (македонски, албански или турски јазик) и втор предмет што ќе биде од областа која матурантот планира да ја студира.

Министерството за образование и наука е категорично дека измени на концептот не може да се прават во од и се можни за наредната учебна година, но им излегува во пресрет со тоа што најави дека ќе бидат скратени програмите и поедноставен материјалот од периодот кога почна пандемијата.

За Сојузот е спорно и тоа што скратувањето на наставните програми е предвидено само за четири, а не за сите предмети на државната матура.

Кратењето на програмите е предлог на МОН и ние се согласуваме, но проблемот е што предлогот е само за четири предмети – мајчин јазик, географија, математика и хемија. Тоа беше соопштено на 21 декември, додаде Ходаи.

МОН не отстапува од актуелниот концепт за државна матура, за која термините за екстерните испити беа соопштени во ноември и ќе се полагаат од 29 мај до 14 јуни 2021.

Министерката Царовска укажува дека МОН има законска обврска да овозможи полагање на државната матура, зашто се пријавиле над 14 илјади матуранти, дека таа е услов за да продолжат со високо образование и е изборна, а оние што не сакаат да ја полагаат може да изберат училишна матура или стручен испит.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.