Средношколците се мобилизираат против начинот на реализација на новата учебна година. Бараат комбиниран модел и тврдат дека не биле вклучени во носењето на одлуката. Сојузот на средношколци конечната одлука ќе ја донесе в сабота за кога е закажан состанок на претставници од 17 градови.

Останува да видиме дали ќе имаме бојкот на наставата од први септември или ќе организираме протести за оваа одлука. Во моментов немаме унифицирана одлука за протести или за бојкот, вели Бленди Ходаи од Сојузот на средношколци.

Од Сојузот велат дека надлежните три месеци не направиле ништо за подобрување на онлајн наставата, но и за безбедно враќање во училишните клупи.

Уште кога се прогласи вонредната состојба и се затворија училишните згради, Сојузот активно работеше на подобрувањето на онлајн наставата, односно наставата на далечина, со цел да им помогне на средношколците во земјава. За жал, нашите апели и понуди беа игнорирани. Но, ние не се откажавме. Сега, кога се приближува крајот на летото и почетокот на новата учебна година, Министерството за образование и наука (МОН) го снајде катастрофа. Тие имаа три месеци да се фокусираат на клучниот датум – први септември. Што направија? Ништо. Протоколите и плановите сè уште не се готови. Не се работеше на подобрување на наставата на далечина, ниту, пак, се создаваа конкретни мерки и предлози за безбедно враќање на учениците во училишните клупи, информираат од Сојузот на средношколци.

Оттаму потенцираат дека се залагаат за комбиниран метод на наставата.

Дел од учениците да ја следат наставата од дома, а останите физички да присуствуваат во училниците. Учениците да се менуваат на смени. Засилени хигиенски мерки, задолжително носење маски. Сметаме дека комбинираниот метод е најдобар и најефикасен поради повеќе причини, но ние сме сериозно загрижени од пристапот на МОН. Ние никогаш не бевме консултирани и се оградуваме од нивната одлука. И не, немаме доволно време, посочуваат од Сојузот.

Според истражувањето што го направиле членовите на Сојузот на средношколци, само 7,9 отсто од учениците сметаат дека онлајн наставата е целосно ефикасна, а 59 отсто од нив рекле дека не секој има доволен пристап до потребната опрема, додека, пак, огромни 84 отсто побарале полесен пристап до услугите за ментално здравје коишто ги нудат училиштата.

Министерството за образование нема унифицирана платформа за онлајн настава која ќе ја користат сите училишта. До школите доставиле предлог платформи, но училиштата сами да си одберат која ќе ја користат. Дури сега Министерството за информатичко општество се обидува да ја добие плаформата „Microsoft 365“ за да можат да ја користат сите училишта.

Од МОН велат дека заедно со Бирото за развој на образованиет со помош на УНИЦЕФ се прават напори за изработка на уникатна македонска платформа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.