Вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров денеска, во рамки на неформалниот состанок во Брдо крај Крањ, оствари повеќе засебни средби со министрите за европски прашања и надворешни работи на земјите-членки во ЕУ како претставници во Советот за општи прашања на кој се дискутира и одлучува по однос на политиката на проширување.

Како што соопшти СЕП, средбата со францускиот министер задолжен за европски прашања Клеман Бон претставува силна афирмација на француската поддршка за отпочнување на пристапните преговори на Македонија со ЕУ и валозирање на постигнатите резултати со кои земјата ги исполни предвидените услови.

На средбата со министерот за надворешни и европски работи на Големото Војводство Луксембург, Жан Аселборн, беше истакнато дека е навистина крајно време за надминување на предизвиците и пречките на патот кон ЕУ за уште поголемо посветување на реформската агенда што е суштината на пристапниот процес.

Со претставникот на ГАК од Малта, Стефан Зринго Азопарди, вицепремиерот Димитров посочи дека постојат можности билатералната соработка помеѓу двете земји да биде дополнително зајакната, а неговиот соговорник изрази јасна и недвосмислена поддршка за полноправно членство на Македонија во ЕУ како израз на стремежите за поврзување заради остварување на заеднички цели и интереси.

Димитров оствари средба и со финската министерка Тути Тупураинен која изрази уверување дека европската перспектива на Македонија и регионот мора доследно да се реализира. Тој се сретна и со литванскиот заменик министер за европски прашања Арнолдас Пранкевичиус кој исто така ја реафирмирсше подготвеноста на земјата за старт на преговорите.

Билатералната агенда беше заокружена со средбата со шведскиот министер за ЕУ прашања Ханс Далгрен, кој ја поздрави цврстата определба за спроведување на европската агенда на земјата што е силно поддржана од шведска страна преку конкретна помош во клучните области.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.