Словенија и Северна Македонија се добри пријатели и партнери. Во Словенија сакаме што побрзо да ја видоме вашата земја во НАТО и ЕУ и се надеваме дека Северна Македонија во октомври ќе почне преговори за членство во ЕУ. Тоа е наш заеднички проект. Сакаме земјата да добие признание за постигнатите резултати, порача словенечкиот премиер Марјан Шарец, на заедничката прес конференција со премиерот Зоран Заев.

Темел на сите односи е да се разбереме едни со други. Во Словенија искрено веруваме во вашето членство во НАТО и ЕУ, рече тој.

Посочи дека склучувањето на Преспанскиот договор и договорот со Бугарија, како и реформите покажуваат дека оваа Влада е подготвена на своите граѓани да им овозможи евроатлантска иднина.

Очекувањата на Северна Македонија се големи, но заслужени. Почетокот на преговорите значи половина завршен пат. Патот ќе биде долг, но Словенија ќе помогне како што и досега помагаше – изјави Шарец.

Прашан што ќе биде со Франција, Шарец повтори дека Словенија ја поддржува нашата земја, но дека не знае што може да биде.

За Париз верувам и посакувам дека до тогаш ќе надвладее ставот дека Северна Македонија заслужува почеток на преговори. Повеќе не можам да кажам, но верувам дека ќе надвладее ставот дека Северна Македонија е зрела за почеток на преговори. Тие преговори нема да бидат лесни и ќе бидат долги, но почетокот е половина пат – изјави Шарец.

Премиерот Заев потенцираше дека Словенија е наш голем пријател и поддржувач.

Република Словенија е петтиот најголем инвеститор со 375,9 милиони евра странски директни инвестиции. Ова покажува дека словенечките инвеатиции се нераскинлив дел од нашата еконимија – изјави Заев.

Пријателството, посочи Заев, го покажавме и во потешки времиња како мигрантската криза, кога Словенија ни пружи голема помош.

Нашето очекување е дека после 10 години, конечно, со завршени реформи и пример за добрососедски односи, ќе почнеме преговори. Навистина не очекуваме еден од попозитивните примери на Балканот и Европа да биде казнет и да се врати на национализмот – изјави Заев.

Наша аспирација, нагласи Заев не е веднаш да бидеме земја членка, туку да ги почнеме преговорите, изразувајќи уверување дека земјите кои немаат чист став за почеток на преговори со нашата земја, е само поради внатрешните дебати дома.

Заев и Шарец попладне ќе ја посетат Кота 59 на јужната граница, каде ќе остварат средба со контингентот на офицерите на словенечката полиција.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.