Заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска денеска во Брисел се сретна со Андреас Шидер, копретседавач на Заедничкиот парламентарен комитет на  Македонија и ЕУ.

На средбата Шекеринска ги истакна приоритетите на нашата земја во следниот период поврзани со односите со Унијата и ставот кон новата методологија за преговори и проширување што ја препорачуваат некои одЗемјите членки.

“Владата останува посветена на реформскиот процес кој ги опфаќа владеењето на правото, судскиот систем, унапредувањето на демократијата”, рече заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана Шекеринска.

Шекеринска додаде дека по успехот со НАТО граѓаните на нашата земја ја продолжуваат поддршката за членство во ЕУ.

“Уверени сме дека отворањето на преговорите со Унијата ќе биде силно охрабрување за земјата и за регионот и ќе придонесе кон негово натамошно стабилизирање. Ќе прифатиме секакви фер услови кои ќе произлезат од договорите за идната методологија но очекуваме нашите напори да бидат вреднувани”, истакна министерката.

Копретседавачот Андреас Шидер рече дека напредокот на Македонија е евидентен и дека земјата заслужува позитивен став и доследност од страна на Унијата.

Тој најави дека Заедничкиот парламентарен комитет ќе ја интензивира својата работа и веќе идната седмица ќе се состане во Стразбур. Шидер ја истакна поддршката од Заедничкиот парламентарен комитет и рече дека односите ќе продолжат во истиот дух на разбирање и соработка.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.