Министерот за надворешни работи на Република Македонија Бујар Османи денес оствари средба со министерот за надворешни и европски работи на Република Хрватска, Гордан Грлиќ Радман, кој престојува во официјална посета на Република Македонија.

На тет-а-тет средбата и за време на пленарните разговори на двете делегации, беше изразено заемно задоволство од одличните односи и соработка, меѓу Македонија и Хрватска, кои оваа година одбележуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи во 1992 година.

Министрите разменија мислења за европската перспектива на земјите од Западен Балкан и потребата од неодложиво официјализирање на одлуката за почеток на преговори за членство за Македонија и Албанија. Таквиот развој, беше нагласено, добива на значај со геополитичките импликации на украинската криза и потребата од обезбедување на политичка стабилност и предвидлив развој на регионот.

Хрватска е непосреден сосед на Западен Балкан и освен нашето взаемно пријателство, напредокот на целиот регион претставува интерес и на Хрватска и нејзините граѓани, дотолку повеќе што Хрватска има и длабоки познавања за состојбите и односи во регионот“, истакна Османи по средбата. Во тој контекст, Македонија ја има цврстата и безрезервна поддршка на Хрватска, за што сме особено благодарни.

Се разговараше и за економската соработка, при што беше нагласено дека одличните политички односи не се доволно следени со трговска размена и бизнис соработка меѓу двете земји. Вкупната размена минатата година изнесувала нешто над 220 милиони долари, што е околу 20% повеќе од претходната 2020 година, но недоволно во однос на нашите потенцијали. Како тој процес не би застанал, се прават напори за институционална поддршка, како неодамнешното формирање на Македонско- Хрватскиот бизнис клуб во Загреб.

Во рамките на посетата, двајцата министри потпишаа Меморандум за соработка меѓу двете министерства во областа на дипломатската едукација, кој дополнително ќе овозможи размена на знаење и искуства меѓу двете институции.

Во вечерните часови во Филхармонија ќе се одржи свечен настан, со концерт на кој ќе учествуваат Мешовитата клапа Филип Девиќ од Хрватска и фолклорни друштва од Македонија – Танец и Албански ансамбл, по што ќе се одржи и прием на кој заеднички ќе биде одбележана 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Македонија и Хрватска.

На вториот ден од посетата, министерот Радман ќе учествува на втората меѓународна конференција во рамките на Преспа Форум за дијалог што ќе се одржи од 16-18 во Охрид.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.