Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес, на маргините на 77-то Генерално Собрание на Обединетите нации, оствари средба со Габриел Ескобар, заменик помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања и специјален претставник на САД за Западен Балкан.

Соговорниците изразија задоволство што Стратешкиот дијалог меѓу Македонија и САД веќе ги дава првичните резултати под формата на американски грантови наменети за зајакнување на владеењето на правото, културата и одбраната. Ваквиот развој на соработката претставува уште една потврда за долгогодишното сојузништво и силно стратешко партнерство меѓу двете земји.

 “Посветено работиме на дефинирање на идните активности кои произлегуваат од стратешкиот дијалог и имаат за цел зајакнување на рефомските процеси и гарантирање на демократскиот напредок и просперитет на земјава. Благодарни сме за континуираната американска поддршка низ годините, со посебен акцент на нашиот евроинтегративен процес како особено значаен за целокупната регионална стабилност.” – истакна Османи.

Воедно, на средбата беше поздравено сојузништвото меѓу двете земји во рамки на НАТО, при што беше истакната поддршката за Украина и заедничките заложби за одбрана на современите демократски принципи и вредности, како и силна осуда за руската воена инвазија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.