Премиерот во заминување Зоран Заев денеска ќе учествува и ќе се обрати на четвртиот Самит во Солун, ќе одржи средби со голем број деловни луѓе од компании кои сериозно работат со нашите институции и ќе се сретне со неговиот грчки колега Кирјакос Мицотакис.

Како што соопштуваат од кабинетот на премиерот на Грција, средбата ќе биде во 18.30 часот по локално време, а еден час подоцна Мицотакис ќе се сретне и со премиерот на Бугарија, Бојко Борисов, јави дописничката на МИА од Атина.

Премиерот во заминување Заев вчера рече дека при обраќањето на самитот ќе ги информира присутните за сите предности што ги има во земјава.

Сакам да го споделам чувството на задоволство, колку е голем интересот на грчките компании, особено за долната половина на државата поради близината на транспортот, рече премиерот.

Самитот во Солун се одржува денеска и утре во организација на Федерацијата на индустриите на Грција, во партнерство со Конфедерацијата за трговија и претприемништво и Американско-грчката стопанска комора, а е под покровителство на претседателот на Република Грција, Прокопис Павлопулос.

Премиерот во заминување Заев на самитот е поканет заедно со претседателите на владите на Грција и Бугарија, Кирјакос Мицотакис и Бојко Борисов кои утревечер за време на официјалната вечера ќе говорат за „Југоисточна Европа: Иницијативи за регионална соработка и реформи“.

Во однос на средбата на премиерите на двете земји, заменикот министер под премиерот и портпарол на грчката влада Стелиос Пецас, на редовниот брифинг со новинарите во вторникот, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина во однос на тоа кои ќе бидат темите и пораките на претстојната средба на Зоран Заев и Кирјакос Мицотакис во Солун, рече дека Грција работи за да се искористи временскиот период до повторното отворање на дискусијата во ЕУ, за во соработка со сите лидери на земјите од Западен Балкан да се постигне најдобар можен резултат на следната средба.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.