Грција дава целосна и силна поддршка за приклучувањето на Македонија во ЕУ и се залага за целосна имплементација на Договорот од Преспа и зајакнување на билатералната соработка, изјави шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас на зедничката прес-конференција со министерот за надворешни работи Никола Димитров.

Радосен сум што сум тука, во прва посета на соседна Македонија, која наскоро ќе стане партнер на Грција во НАТО и кандидат за ЕУ. Сигурен сум дека наскоро ќе ги почнете пристапните преговори. Ја имате целосната поддршка од Грција, рече Дендијас.

Оцени дека има драматично подобрување на билатералната соработката, која и натаму се развива со фокус на економијата, воената соработка, инвестициите, инфраструктурата…

Билатералните односи, посочи Дендиас, поминуваат преку Преспанскиот договор. Има непредок во неговата имплементација, но има и доцнења во некои сегменти кои треба да се поправат.

Грција го поддржува влезот на Македонија и на другите земји од Западен Балкан во ЕУ. Тоа е заедничка цел. Почнувањето на преговорите ќе биде значителен чекор и тоа за Грција е значајна цел. Го разбираме разочарувањето од одложувањето, но треба да се гледа напред. Важно е да се имлементираат европските вредности, а ние нудиме целосна соработка, рече Дендијас.

Министерот Димитров нагласи дека Македонија смета на грчката поддршка на патот кон ЕУ.

Грција е наш стратегиски партнер, сосед и пријател. Преспанскиот договор отвори голем потенцијал за соработка што треба да се искористи, рече Димитров.

Посочи дека се очекува наскоро да се одржи првата седница на комисијата за трговски марки, како и состанок на еспертите за отворање на новите гранични премини меѓу двете земји и на комисијата за историски прашања.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.