На  Македонија и на Бугарија сега е да ја вратат довербата и комуникацијата за да можат да разговараат за чувствителните прашања и да ја сменат перцепцијата, изјави за МИА шефот на дипломатијата Бујар Османи. Вели дека поради потребата да се разговара рационално и без емоции, најверојатно атмосферата ќе биде попозитивна по изборите во Бугарија. Сигналите, пак, од бугарската страна се да се смират емоциите и двете земји да влезат во прагматичен дијалог.

Османи вчера за МИА, по посетата на Луксембург и Белгија, оцени дека постои „разочарување на  Македонија и нејзините граѓани“ по блокадата на Бугарија во декември за преговарачката рамка, која требаше да го означи конечно формалниот старт на преговорите за членство во ЕУ.

Минатиот декември, инсистирањето на Бугарија не само да не се усвои рамката со Македонија, туку и да се вметне реченица која се однесува на „погрешното толкување на историјата“ предизвика реакции на дел од земјите членки на ЕУ, при што најгласни беа Словачка и Чешка.

Османи смета дека овој неуспех на ЕУ има „опасни последици“ за целиот регион на Западниот Балкан.

– Последиците се во влегување на регионот во голема непредвидливост во однос на ЕУ перспективата. Знаете дека не успеа ни преговарачката рамка за  Македонија, но ни заклучоците за целиот регион, така што целиот регион влегува во непредвидливост, а во овие околности непредвидливоста е поопасна од негативен исход од некои процеси, затоа што тешко се подготвувате и се браните од непредвидлив период. Ние инсистираме на предвидливост, вели шефот на македонската дипломатија за МИА.

Бугарската блокада, која делумно се гледа и како последица на предизборната атмосфера кај нашиот источен сосед, се однесува на повеќе прашања, од кои и чувствителни историски и идентитетски. Според министерот за надворешни работи, сепак, полека се „кристализира“ бугарската позиција и станува појасно дека Софија „не ги спорат идентитетските атрибути“.

– Нашите црвени линии во однос на идентитетските карактеристики како јазикот, народот, етничката припадност се јасни и бескомпромисни и драго ми е што Бугарија го искристализира својот став дека не ги спорат идентитетските атрибути. За да пристапите кон проблем треба добро да го дефинирате, постојат различни перцепции и кај нас и во Бугарија, и во ЕУ. Ние не разговараме за идентитетските атрибути, прашањето што го покрена Бугарија се историската основа на тие атрибути. Наш став е дека за историја може да разговараме во фунцкија на образованието и во коригирање стереотипи кои ги прикажуваат нашите народи како непријателски, изјави Османи за МИА.

Конкретно, како што нагласи шефот на дипломатијата, тоа значи дека  Македонија е посветена кон имплементација на Договорот за добрососедство од 2017 година и на работата на заедничката Комисија за историски и образовни прашања. Според него, тука треба да се работи на учебниците и „карактеризации од минатото“ кои ги повредуваат чувствата на бугарскиот сосед, како на пример употребата на епитетот „фашистички“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.