Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во однос на тоа до каде е истрагата за лажните дојави за бомби рече дека е важно да се напомене оти активното постапување на службите, МВР и АНБ за разузнавање и сите што работат за спречување на ваков вид кибер закани, успеале преку промената на протоколите да се прилагоди начинот на работење на службите во настанатата состојба.

Имавме протоколи и упатства коишто беа пишувани 90-те години на основа на тогашните можности и искуства, меѓутоа, на пример електронската дојава не беше воопшто дел од протоколот, туку едноставно само добивањето на информација. Сега протоколот е сообразен со новото време во којшто се земаат сите видови на можност на комуникација и притоа што е многу важно со овие протоколи се цени релевантноста на информацијата односно на веројатноста за евентуална закана. Имаме низок, среден и висок степен на ваква закана која што се оценува и на основа на тоа се постапува. Протоколите се создадени за да можеме да бидеме брзи и ефикасни и протоколите практично не се создадени за да ние скриеме некаква информација, туку едноставно да се постапува и за секое постапување да можеме да ја информираме јавноста, рече тој.

Тој потсети дека два дена по носењето на новите протоколи имавме дојави, првиот ден во три училишта, а следниот ден уште во едно училиште и тука, како што рече, запре целиот тој процес затоа што од една страна се интензивираа истрагите и дојдовме до резултати.

Тука се работи се уште на вештачење на материјали, бидејќи се навистина големи материјали што треба да бидат завршени со вештачење за да можеме да практично ги прибереме сите докази и за поднесување на кривични пријави. Јас тоа го очекувам во секое време и да можеме тој процес да го затвориме, така што тој дел од постапките којшто овозможи да се обезбедат релевантни докази коишто може да бидат ценети од страна на обвинителството понатаму и во судот се покренати постапки. Имаше сериозен проблем со користењето на т.н. ви-пи-ем адреси коишто создаваа потешкотии во прибирањето на доказите, меѓутоа како и да е, целосната состојба се стави под контрола и мислам дека на задоволството на сите нас и на граѓаните, и на учениците и на наставниот кадар имаме состојба во која што имаме стабилност и мир, пред се спокој на учениците и на наставниците, рече Спасовски во Штип.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.