Во последниот број на неделникот Република уредникот Ненад Мирчевски ја откри приказната за избрусениот „бугарски окупатор“ на паметникот на народниот херој Благој Јанков Мучето, една од првите ако не и прва жртва на предавството на Зоран Заев.

Неговиот споменик некаде помеѓу 2013 и 2014 година брутално е сквернавен со цел да се избрише зборот „бугарски“ фашистички окупатор. Заев ова не го направи сам. Не зема брусалка среде ноќ да реже по споменикот. Не стражареше пред него со години за да не дозволи да биде поправена штетата. Не беше ни полицаец, ни обвинител, ни судија да поведе постапка против одговорните, да ги пронајде и да ги казни. 

Во бруталното бришење на историјата и сквернавењето на споменот на народниот херој кој го дал животот за слободно да живеат сите во Македонија, па и овие лудаци, соучесници на Заев се администрацијата во општина Струмица, вклучително и Костадин Костадинов, кој му беше в.д.. Соучесници се и институциите кои до сега не реагирале да го санкционираат ваквиот вандалски чин.

Неми сведоци на злоделото се струмичани, соседите, пријателите, сограѓаните на Мучето, но до ден денес вртат очи кога го одминуваат споменикот во центарот на градот, пишува денеска Мирчевски, три години по објавувањето на текстот.

Предупредив, вели Мирчевски, дека спомен-плочата на Мучето може да стане камен околу врат на секој Македонец. Одмолчеа институциите, но одмолчеа и мнооогу интелектуалци, политичари, новинари, креатори на јавно мислење кои денес велат дека се изненадени од постапките на Заев.

Не е само Заев виновен. Виновни сме сите што дозволивме да ни се случи Заев.

Народниот херој Благој Јанков Мучето е една од првите ако не и прва жртва на предавството на Зоран Заев. Неговиот…

Posted by Ненад Мирчевски on Friday, 27 November 2020

Мирчевски потсетува дека текстот е објавен по смена на власта, односно во јули 2017 година, кога институциите и интелектуалците се веќе „ослободени од режимот“.

На толку слобода никој не се заинтересира да го спроведе законот и да ја исправи неправдата!
28 јули 2017:

Народниот херој Благој Јанков – Мучето, кој на 14 јули 1944 година е предаден од домашни предавници, а потоа убиен од бугарската фашистичка полиција во центарот на Струмица, денес повторно е жртва на квислинзите. Неговото осквернавено спомен-обележје немо сведочи за незаинтересираноста на локалните власти за обновување на овој споменик на културата, но и гласно предупредува на опасноста дека многу скоро, ваквиот вандализам нема да биде исклучок туку со закон донесена одлука со која ќе се погазат илјадници жртви на фашистичка Бугарија на македонска територија. Посветеноста на Мучето во борбата за слободна и независна Македонија, очигледно, и ден денес некому му боде очи, штом се дрзнал да го осквернави неговиот вечен спомен и да избрише дел од стиховите испишани на паметникот, кои сведочат за неговите убијци, но и за непокорот на Македонецот:
Тука
во татков двор
кога последен јазел плетеше
со крв и свила на слобода
и ноќта кон ден ближеше
бугарски куршум го прободе.
Скрца и сви стебло вековно
чиниш непокорот здивнал заден здив
и родот негов ќе падне в плен,
но се исправи споменот за
Благој Јанков Мучето.

Кому му пречел зборот „бугарски“ за да биде на вандалски начин, најверојатно со електрична брусилка, отстранет од споменикот, можеме само да нагаѓаме. Сепак, извршителот на ова грозно дело не ни е потребен за гласно да прашаме – кога и од кои причини градот Струмица се откажала од заштитата на овој споменик на културата? Дали овој народен херој по вторпат е жртва на домашни предавници, овој пат на предавничката политика на Заев и дали станува збор за очигледен пример како ќе изгледа бришењето на делови од македонската историја.

 

Еднокатна куќа во центарот на Струмица, во близина на Малиот градски парк, и денес потсетува на животот и делото на народниот херој Благој Јанков Мучето, кој на денешен ден во 1944 година загинал во борба со бугарскиот окупатор на улиците во родниот град.

Благоја Гане Јанков – Мучето роден е на 3 јуни 1911 година, загинал на 4 јули 1944-та, а за народен херој е прогласен во 1951 година.

Роден е во Струмица, во работничко семејство, а неговиот татко Минчо Коцев починал кога Благој имал четири години, па мајка му Кумјанија, како вдовица со две деца се омажила за Гоне Јанков, по кого Благој го добил презимето Јанков.

При една провала полицијата извршила напад, тогаш со Мучето бил и Славчо Стојменски, кој во престрелката со полицијата бил убиен, а Мучето бил ранет, но успеал да се извлече. Потоа работата ја продолжил во многу тешки услови бидејќи бугарскиот воен суд го осудил на смрт во отсуство и издал потерница со награда за него.

Летото 1944 година бугарскиот окупатор го лоцирал неговото скривалиште, во домот на Спиро Захов во Струмица, а потоа во нерамноправна борба на градските улици, во родната Струмица, херојски загинал Благој Јанков Мучето.


 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.