Во гостувањето во дебатната ТВ емисија министерот за правда Никола Тупанчески порача дека планот за подготовка на нов Изборен законик нема да пропадне и покрај фактот што ВМРО-ДПМНЕ и БЕСА сè уште немаат доставено предлози за свои претставници во новата работна група. Поттикнати од оваа изјава, од Социјалистичката партија на Македонија јавно го прашуваат Тупанчевски според кој критериум одлучувал која политичка партија треба да има претставник во работната група за изработка на нов Изборен законик.

Можеби еден од критериумите му бил историскиот континуитет на партиите? Или можеби нивната застапеност во Собранието на Република Македонија? Или можеби застапеноста на партиите во локалната самоуправа?

Г-дине Тупанчески, било кој критериум да сте го земале, не сте смееле да ја испуштите Социјалистичката Партија на Македонија, како најстара политичка Партија во државата, со децениски историски континуитет, од осамостојувањето постојано застапувана преку свои пратеници во Собранието на Република Македонија и застапувана со свои советници во најголемиот број на општини во РМ.

Г-дине Тупанчески вашиот партиски претседател и воедно Премиер изјави дека Изборниот законик ќе се носи со концензус помеѓу политичките партии или Вие можеби зборот „концензус“, случајно или намерно, поинаку го разбирате! Нејасно е зошто воопшто сте се впуштиле во политиката кога немате елементарен однос и почитување кон сите политички партии подеднакво?, реагираат од СПМ.

Министер Тупанчески, му се обраќаат тие, нема потреба да нè каните.

Од Вас не го ни очекуваме тоа. Должни сме само да Ви кажеме, концензус за Вашата приватна забава наречена „нов Изборен законик“ немате!

Воедно, на каков било предлог на Изборен законик, во чија изработка не сме вклучени, ќе одговориме со огромен број на амандмани и ќе се погрижиме таквиот закон да не помине, велат од СПМ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.