Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, ги отфрла шпекулациите за постоење киднапери и продажба на човечки органи, велејќи дека истите се шират од политички побуди. Според него, досега нема киднапирање.

Во земјава нема ниту еден случај на убиство за вадење на органи. Не се точни наводите дека расте бројот на исчезнати лица. Триста и седумдесет лица биле исчезнати во 2018 година. Порано се криеа убиства, ние сме крајно транспарентни – вели Спасовски.

Запрашан кој ги пласира лажните вести, министерот рече дека очиледно е оти зад тоа стои структура на луѓе кои шират лажни информации од политички побуди.

Поранешен вработен во МВР имаше статус на Фејсбук со тотална измислица и лага. Имаме новинари и медиуми на кои сензацијата им е поважна – потенцираше тој.

Спасовски појасни дека во последниве 5 години пронаоѓањето на исчезнати лица се реализира со 94 проценти.

Ние работиме да биде на 100 проценти. Ги уверувам родителите на исчезнатите дека истрагите се третираат со посветеност. Истрагите се темелни затоа некогаш треба повеќе време за резултати. За оние кои шират лажни приказни за продажба на човечки органи сакам да им порачам – не помагате. Некои од случаите се самоубиства. Кога имаме исчезнато лице, важно е полицијата да добие повеќе информации за пократко време – вели министерот за внатрешни работи.

Тој сподели препораки за побрзо пронаоѓање на исчезнати.

Прво пријавете во МВР потоа проверете ги местата каде може тоа лице да отиде, неговото однесување, не кријте информации од полицијата, споделете фотографија со МВР, водете грижа за лицата кои имаат здравсрвени проблеми – посочи министерот.

Кажа дека преземени се сите неопходни мерки и се превземаат дејствија за пронаоѓање на лицата, но одби да каже какви мерки се преземаат.

Семејствата се известуваат за се – вели Спасовски, иако тврдењата на семејствата се дека тие не добиваат информации.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.