Раководството на СДСМ ја прифатило одлуката на премиерот во заминување и партиски лидер Зоран Заев на премиерското столче 100 дена пред избори да седне вицепремиерот и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, потврдуваат партиски извори на Локално.

Спасовски, кој е близок соработник на Заев и еден од потпретседателите на СДСМ, треба да замине од министерското столче во МВР на 3 јануари, заедно со премиерот, бидејќи по Пржинската влада, на неговото место треба да дојде кадар на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Од СДСМ, од каде треба да дојде дополнителниот заменик-министер, се размислуваат оваа функција да отиде кај националниот координатор за гранично управување Владимир Пивоваров или кај поранешниот директор на УБК, Миле Зечевиќ.

Одлуката Спасовски да биде технички премиер треба да биде изгласана и на Централниот одбор на СДСМ, исто како и дополнителниот заменик министер за внатрешни работи.

Премиерот Заев претходно ги спомена имињата на Оливер Спасовски, но и на министерката за труд и социјална политика Мила Царовска како можни решенија за технички премиер, бидејќи треба да ги отстапат министерските столчиња на кадрите од ВМРО-ДПМНЕ, но одлучил сепак таа функција да ја врши вицепремиерот, со што Царовска ќе биде дополнителен заменик-министер во Министерството за труд и социјална политика.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.