Mинистерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, порача дека на стратешко ниво е направена многу поинаква приоритетизација на состојбите за да може да се дојде до конкретни резултати во борбата против насилството, а тоа е преку отворање многу оперативни акции кои се насочени кон решавање на одредени проблеми кои ги има во општеството.

Во одговор на пратеничко прашање во Собранието, Спасовски посочи дека ќе се преземаат постојани оперативни мерки против сите групи кои, како што рече, ќе даваат резултати во намалувањето на трендот, но дека насилството нема целосно да се искорени, бидејќи постои во сите држави од развиениот свет.

Само преку жестока реакција на институциите може да се даде сериозен одговор на секој еден случај на насилство. Жестокиот одговор може само да ги обесхрабри. Прашање е само колку институциите ќе бидат посветени и колку ќе дадат резултат истрагите кои се прават и колку ќе се постапува по нив без разлика кој го прави насилството. Во изминатите 30 години секогаш постоеја помали или поголеми криминални групи кои биле поддржувани од политичките елити и тоа е најголемата грешка на елитите кои владееле во било кој момент – изјави Спасовски.

Тој нагласи дека поддршката на каква било криминална група или структура која се занимава со насилство на крајот се враќа како бумеранг иако можеби на почетокот личи дека може да помогнат во случувањата, но на крај, како што истакна, сите ја плаќаат цената како општество.

Спасовски прецизира дека постојат одредени криминални групи кои,  пред се, делуваат насилнички во Скопје како главен административен центар, но дека против нив веднаш се преземаат брзи, ефикасни и радикални мерки во делот на откривањето  на сторителите и изнесувањето пред лицето на правдата.

Многу настани во државата се случуваа зашто мислеа дека некој ги поддржува, ќе ги поддржи и после тоа нема да одговараат. Добро е да знаат дека ќе се повлече тој што им вели дека ќе ги заштити. Од септември лани во МВР е почната посебна оперативна акција преку која се уапсени голем дел од насилниците во државата кои долги години ги заплашуваа луѓето и веќе се изнесени пред лицето на правдата – изјави Спасовски.

Тој најави дека МВР и понатаму ќе постапува транспарентно и неселективно со цел да ги заштити граѓаните и да расте довербата во институциите на системот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.