Иако синоќа го сподели партиското соопштение, со што во целост се согласува со тврдењата на партискиот лидер Зоран Заев, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска седи на два стола.

Не сакајќи дополнително да им ги раскопува раните на кумановици, но и за да не му го заврти грбот на лидерот, запрашан за изјавата на премиерот Зоран Заев за бугарскиот БГНЕС Спасовски рече дека неговото Куманово го ослободиле македонските партизани

И моето Куманово е ослободено од македонските партизани на 11 ноември од борците против фашизмот и Македонија е ослободена од борците на Народно-ослободителната борба против фашизмот. Куманово многу години негува идеологија која значи борба за развој, демократија и посветла иднина, рече Спасовски.

Министерот ова го одговори запрашан за коментарот на Заев за изјавата во интервјуто дека „Имало некогаш некоја администрација, во тој момент, на почетокот, а потоа Бугарија се дига заедно со антифашизмот, се бори за слобода, за демократија и апсолутно е дал од антифашистичкиот фронт. Бугарски и македонски војски ослободуваат територии – Крива Паланка, Куманово, Скопје и во целиот овој дел“.

Спасовски повика да не се дозволи тоа што се случувало пред седум-осум децении да биде пречка за нашето одење напред, а историјата да се остави на историчарите и иднината да ја земеме во нашпи раце.

Многу е важно уште еднаш да се повторат некои факти. Македонија ја оствари својата сувереност во АСНОМ-ска Македонија и нашата држава почива на антифашизмот. Европските народи се договорија да не заборават, меѓутоа и да си простат за да одат напред. Посебно треба да се истакне дека за македонскиот јазик и македонскиот идентитет никој не смее да разговара и преговара, бидејќи се работи за самоопределување, повика Спасовски.

На едно од новинарските прашања рече дека МВР сериозно работи на говорот на омраза на социјалните мрежи, но не специјално за оној насочен кон Бугарија.

Ние работиме сериозно во овој дел и во јакнење на нашите капацитети како човечки ресурси и материјални средства на откривање на комјутерскиот криминал, бидејќи најчесто говорот се шири на социјалните мрежи.  Превземени се одредени дејствија на фејсбук-групи, но не специјално за ова што ни се случува со Бугарија, туку генерално на целиот говор на омраза, додаде тој.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.