Техничкиот премиер Оливер Спасовски денеска во Брисел имаше средба со претседателот на Европскиот парламент (ЕП) Давид Мариа Сасоли, кој даде целосна поддршка на сите реформски чекори кои Владата, Собранието и граѓаните ги донесоа во изминатиот период, соопшти владината прес-служба.

На средбата, на која присуствуваше и вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи, е нагласено дека Договорот од Преспа и Договорот со Бугарија се пример во регионот и столб на европската иднина и дека земјата останува доследна на обврските за спроведување на договорите кои претставуваат пример за решавање на билатерални спорови.

Сасоли и Спасовски се согласија дека успешните реформи и новата методологија се важни чекори кон скорешно отпочнување на преговорите за членство. Таа цел е заедничка на сите европски институции и најголем дел од државите членки на ЕУ, беше констатирано на средбата, се вели во соопштението.

Претседателот на ЕП истакнал и дека Западен Балкан е стратегиски регион за ЕУ и дека тој при посетата на нашата земја се уверил оти граѓаните силно веруваат во ЕУ и во заедничката иднина. Во таа насока, рекол Сасоли, Европскиот Парламент ќе даде свој придонес за поддршка на Западен Балкан на Самитот во Загреб.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.