Техничкиот премиер Оливер Спасовски, придружуван од директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи, Даријан Сотировски, се сретна со поглавари на верските заедници во земјава, на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, архиепископ охридски и македонски, г.г. Стефан, на Исламската верска заедница, Реис Ул Улема хаџи Сулејман ефенди Реџепи, на Католичката црква, бискупот скопски и епарх струмичко-скопски, Киро Стојанов, на Евангелско – методистичката црква, претседателот на Црковното претставништво, Емил Заев.

На средбата се поздравени мерките и чекорите што ги презема владата во справувањето со коронавирусот, во насока на ефикасна заштита на здравјето на граѓаните.

Изразена е благодарност до премиерот Спасовски за отвореноста за соработка и е изразена силна поддршка да биде направено сè што е возможно од сите страни, за справувањето со ситуацијата.

Спасовски ги информираше поглаварите за сите важни информации околу мерките што ги презема владата за заштитата на здравјето на сите граѓани, како врвен приоритет.

Поглаварите информираа за мерките што тие ги преземаат за поголема заштита на верниците.

Разгледани се можности за максимална заштита на верниците.

Заеднички е ставот дека здравјето на граѓаните е врвен приоритет и дека сите во државата, вклучително и верските заедници и верниците, треба да бидат на ниво на одговорноста со цел да се придонесе за спречување на можно ширење на болеста и непосакуваните последици.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.