Со новата развојна економија ќе има и повисоки плати и пензии и уште поголема социјална поддршка за граѓаните, рече денеска носителот на кандидатската листа на СДСМ во ИЕ2, Оливер Спасовски.

На денешната прес-конференција, во име на партијата, тој најави:

– Повисока социјална помош за 34.000 домаќинства.

– Детски додаток за 65.000 деца.

– Изградба на 777 социјални станови низ целата држава.

Додаде дека СДСМ се грижи за потребите на луѓето, додека Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се грижат за потребите на Никола Груевски.

Режимот сака да се обнови за повторно да краде, но ние ги насочивме парите кон граѓаните и тие на овие избори ќе гласаат за себе, а не за Груевски и Мицкоски, рече Спасовски.

Според Спасовски, гласот за коалицијата „Можеме“ и бројот 3 е глас за секој човек за себе затоа што:

Социјалната помош ја зголемивме за 300 проценти. 26.636 домаќинства користат гарантиран минимален приход повисок во просек за 300 проценти.

За 3.5 проценти го зголемивме опфатот на деца кои добиваат детски и образовен додаток. Над 33.000 деца во училишна возраст примаат по 1.000 денари месечно детски додаток.

Воведовме образовен додаток за основци и средношколци од семејства во социјален ризик: 700 денари месечно за додаток за ученик во основно образование или 8.400 денари годишно по ученик во семејството. 1.000 денари по ученик во средно образование или плус 12.000 денари годишно во семејството.

31.906 социјално загрозени домакинства, заклучно со февруари годинава се ослободени од сметките за струја. Ги плати Владата со пари од државниот буџет за оваа намена. Ја вративме евтината тарифа на струјата, ја укинавме радиодифизната такса и го намаливме ДДВ-то за парно и со тоа секое семејство годишно заштедува по 4.000 денари.

Нотарските и трошоците за извршители ги намаливме, а 11 ставки за трошоци за извршување, целосно укинавме. Со отписот на камати на долгови за физички лица, избришани се 10 милиони евра долгови на граѓаните. Казните ги намаливме и до 75 отсто, воведовме опомена пред казна и пропорционално казнување.

За поддршка во здравствено-економската криза, домашни платежни картички освен лицата со ниски приходи и младите, ќе добијат и пензионерите, стечајците, невработените – пасивни баратели на работа.

Спасовски додаде дека СДСМ три години во континуитет покажува што значи вистинска грижа за сите граѓани.

ВМРО-ДПМНЕ и со Мицкоски на чело еве веќе 14 години во континуитет покажува грижа само за Груевски и неговите криминални соработници.

Граѓаните нема да дозволат да се обнови режимот за повторно ВМРО-ДПМНЕ да ги уценува со социјалната помош што им следува и да им ја симне пак на минимум, додека за нив крадат до максимум.

Ние сме максимално посветени на грижата за сите, ја имаме поддршката од сите граѓани и на 15.јули продолжуваме по правиот пат уште повеќе и уште подобро, рече тој на денешната прес-конференција.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.