Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска заедно со директорот на БЈБ, началникот на Одделот за специјални полициски операции и командантите на Единицата за брзо распоредување и Специјалната антитерористичка единица „Тигар“, им оддале почит на вечни почивалишта на осумтемина припадници на полицијата кои загинаа во „Диво Насеље“ пред шест години.

Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ – имињата на осумте припадници на Министерството за внатрешни работи, нашите колеги и пријатели, кои што во вооружената пресметка со терористите, ја дадоа најскапата можна жртва во името на слободата и мирот, за одбрана на татковината – човечкиот живот. Нека им е вечна слава! – напиша Спасовски на Фејсбук.

Спасовски додава дека изминаа шест години од трагичниот настан „Диво Насеље“, кој ги вознемири граѓаните на нашата држава, а остави неспокој кај моите кумановци и токму благодарение на прибраноста на моите сограѓани, злата намера на нарачателите на овој конфликт не го доби посакуваниот одговор.

Хероите живеат вечно – СЛАВА ИМ! – напиша Спасовски на Фејсбук.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.