Изминаа првите 100 дена од преземањето на функцијата градоначалник на општина Ранковце. Тоа се 100 дена исполнети со одговорност, посветеност, и желба да се направи нешто повеќе за своите сограѓани. Па, во суштина и луѓето се разликуваат токму по тоа, колку се одговорни и колку се работливи, колку се професионални и колку знаат да се носат и да бидат посветени на она што го работат, истакна, Борче Спасовски, градоначалник на општина Ранковце на регионалниот отчет „Промени што носат иднина – 100 дена локална власт отчет на ВМРО-ДПМНЕ“ кој се одржа во Мултикултурниот центар во општина Кочани.

Спасовски додаде дека тој е градоначалник бидејќи сака неговата општина да е развиена и модерна општина која ќе е во функција на граѓаните.

Колку сум јас задоволен лично најмалку е важно, во моментот најважно е колку се задоволни граѓаните од сработеното во изминативе 100 дена. Мислам дека со проектите кои што ги реализиравме со оние проекти кои веќе ги реализираме во овој кус временски период граѓаните треба да се задоволни. Тоа граѓаните треба најдобро да го кажат и да судат за сработеното, рече Спасовски.

Спасовски посочи дека граѓаните веќе го чувствуваат подобрувањето на квалитетот на нивното живеење.

Општината ја затекнав со 15-тина тужби, со долг од приближно 3 милиони денари кон доверители по основ на набавени стоки и извршени услуги. Во изминатите 100 дена она што го променив во функционирањето на општина Ранковце во поглед на приходите и расходите е сведување на непродуктивните расходи на минимум и зголемување на приходите пред се од локални даноци, такси за да со домаќинско работење го забрзаме локалниот економски развој на општината. Досега се започнати и реализирани следниве проекти, изградба на делот на канализација во село Љубинце во должина на 711 метри, изградба на дел од локален пат во село Герман во должина од 900 метри, реконструкција на основно училиште во село Радибуш во вредност од 7 милиони денари, заврши изградбата на асфалтирање на дел од локален пат во село Радибуш во должина од 500 метри. Започна првата фаза од изградба на водоснабдителен систем за населеното место Сача, инвестиција во вкупна вредност од над 30 милиони денари, појасни Спасовски.

Спасовски укажа дека обезбедил финансиски средства за изградба на улица во село Ранковце, крак 1, за кое е во тек спроведување на постапка за доделување на договор за јавна набавка.

Обезбедив средства за урбана опрема и реквизити на детско игралиште во село Ранковце, рече Спасовски.

Спасовски додаде дека има одобрен проект од УНДП за меѓуопштинска соработка со општината Крива Паланка, обезбедена техничка опрема за територијалните противпожарни единици од Крива Паланка – Ранковце.

Во овие 100 дена се одржаа пет седници во Советот на Општина Ранковце. Одлуките на Советот во Општината Ранковце се носат едногласно. Тоа најдобро зборува дека политичка обоеност нема. Она што е во интерес на граѓаните, она што е во интерес на општината, она што е во интерес на подобрување на квалитетот на живеење на граѓаните во општина Ранковце секогаш и секаде ќе биде прифатено, нагласи Спасовски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.